Екипите на Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ се излезени на терен со механизација и се обидуваат да го изгасат пожарот што избувна вчеравечер, на депонијата „Краста“, соопшти денеска директорот на претпријатието, Сашо Томиќ.
Тој информираше дека сите расположливи екипи се на депонијата и во текот на денот, со затрупување земја, ќе се обидат целосно да го изгасат чадењето. Интервенирале и кумановските пожарникари со едно возило од 20:35 до 23:10 часот.
Депонијата „Краста“, лоцирана на регионалниот пат Куманово – Пчиња ќе стане претоварна станица од каде што сметот од Куманово ќе се носи во Свети Николе, преку проект финансиран од ЕУ, во кој се вклучени општини од североисточниот и источниот регион.
Пред извесен период, платформата на сметот беше затрупана со земја, израмнета, што не дозволуваше да се шири непријатниот мирис и да се потпалува, како што беше практика изминативе децении, што беше причина за постојани блокади од жителите на блиското село Пчиња кои бара нејзина дислокација.
„Краста“ ќе стане збирна станица на која ќе се селектира отпадот и ќе се транспортира до регионалната депонија. Депонијата „Краста“ функционира од 1958 година и зафаќа површина од 12, 5 хектари. Тука се складира сметот на градот со над 100.000 жители.
На плоштадот „Маршал Тито“ во Куманово, вчера беше и опожарен контејнер со ѓубре, интервенираа и пожарникарите. Од претпријатието велат дека постојано несовесни граѓани ги опожаруваат контејнерите и бараат санкции за причинители.












