Реформата на јавната администрација во изминатите две години влезе во нова фаза – од долгогодишно одложувани системски прашања кон конкретни законски решенија, институционални промени и воспоставување стандарди за професионално и одговорно управување. Напредокот во овој процес е нотираn и во Извештајот на Европската комисија за 2026 година, кој ги препознава преземените чекори во зајакнувањето на институционалните капацитети и унапредувањето на јавниот сектор. Резултатите од спроведените реформи, кои имаат за цел да создадат професионална администрација, функционални институции и поквалитетни услуги за граѓаните се думирани во двегодишниот отчет на министерот за јавна администрација Горан Минчев.
„Извештајот на Европската комисија е важна потврда дека реформите што ги започнавме имаат јасна насока и дека преземените чекори се препознаваат и на европско ниво. Но, за нас најважно е што зад тие оценки стојат конкретни резултати. Не наследивме едноставен систем, ниту реформа што може да се заврши преку ноќ. Презедовме одговорност да ги отвориме прашањата што со години се одложуваа и да донесеме решенија што ќе остават трајна промена во функционирањето на државата” – истакна тој.
Во изминатиот период донесени се трите клучни системски закони: Законот за административните службеници, Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници. Со нив се воспоставува нова рамка за вработување, оценување, напредување и професионален развој, со јасни критериуми и принцип на заслуги.
„Со овие закони поставуваме нови правила со кои јавната администрација мора да биде место каде што знаењето, стручноста и посветеноста се основа за вработување и напредување. Нашата определба е јасна – да изградиме систем во кој јавната функција ќе значи професионална одговорност, а не привилегија, и во кој резултатите ќе бидат мерило за сработеното.”
Донесувањето на Законот за високи раководители е уште еден суштински чекор кон професионализација на раководните структури. Со транспарентна постапка за избор, јавни огласи, проверка на условите и рангирање на кандидатите се воспоставува систем во кој раководните позиции ќе се пополнуваат врз основа на професионални квалитети, а одговорноста ќе се мери преку постигнатите резултати.
Особено значајна е и изградбата на систем за континуирано вложување во човечкиот капитал. Со воспоставувањето на Академијата за професионален развој и обука на административните службеници се создава институционален механизам за трајно унапредување на знаењата, вештините и компетенциите на административниот кадар. Реновиран е и модернизиран Центарот за обука во Аеродром, а за првпат се реализирани генерички обуки за повеќе од 1.000 административни службеници низ државата.
„Академијата ја гледаме како инвестиција во иднината на државата. Не ни е потребна администрација која само ги познава постапките, туку администрација која знае да решава проблеми, да презема иницијатива и да одговори на потребите на граѓаните. Професионалноста не се прогласува со закон – таа се гради со знаење, континуирана обука и јасна одговорност“ – посочи Минчев.
Промените се однесуваат и на начинот на кој државата управува со своите човечки ресурси. Надградбата на Информацискиот систем за управување со човечките ресурси (ИСУЧР) е дел од процесот на воспоставување единствен, функционален и посовремен систем за кадровско управување, со цел негово проширување кон околу 1.400 институции до крајот на 2026 година. Паралелно, се менува и институционалната поставеност. Со Законот за инспекциски надзор се воспоставува пофункционален модел на инспекциски надзор преку интегрирање на инспекторатите во матичните министерства.
Укинувањето на Инспекцискиот совет и припојувањето на вработените кон Министерството носи и околу 300.000 евра годишни буџетски заштеди.
Со Нацрт-законот за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ), продолжува процесот на функционално редефинирање на државната управа, со јасно разграничување на надлежностите, елиминирање на преклопувањата и порационално користење на институционалните и буџетските капацитети.
„Не е доволно само да донесуваме закони. Нашата заложба е да изградиме институции што функционираат, да ги отстраниме непотребните преклопувања, да ги разграничиме одговорностите и да обезбедиме секој денар од јавните средства да се користи рационално. Реформата мора да се почувствува во секоја институција, но пред сè во услугата што ја добива граѓанинот“ – истакна тој.
Особено значајна е и социјалната димензија на реформата. Преку партнерски дијалог со синдикатите постигнат е договор за континуирано зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти до март 2028 година. Професионална администрација се гради со достоинствено вреднување на трудот, стабилност и можност за професионален развој на службениците.
Реформскиот процес е поддржан и преку интензивирање на меѓународната соработка. Во партнерство со Регионалната школа за јавна администрација- РеСПА, македонските административни службеници учествуваа на повеќе од 1.200 обуки, програми за развој на компетенции и активности за размена на знаење, а се проширува и билатералната соработка со европските држави.
Европската комисија ги нотира и унапредувањето на проценката на влијанието на регулативата, работата на Советот за реформа на јавната администрација и јакнењето на капацитетите за координација и следење на реформите. Ова се области во кои продолжуваат активностите за доследно спроведување на реформската агенда и усогласување со европските стандарди.
„Нашата работа не завршува со позитивна оценка во европски извештај, ниту со усвојување на закон. Тоа е само основата. Вистинскиот успех ќе го измериме кога граѓаните ќе добијат побрзи и поквалитетни услуги, кога бизнисите ќе имаат помалку административни бариери и кога институциите ќе бидат препознаени по ефикасноста и одговорноста. Тоа е стандардот кон кој се движиме и од кој нема да отстапиме“ – заклучи Минчев.
За Движењето ЗНАМ, двегодишниот отчет е потврда дека преземената одговорност се преточува во конкретни законски, институционални и системски промени. Реформата на јавната администрација е суштински предуслов за изградба на функционална држава, силни институции и подобар квалитет на живот на граѓаните.
Македонија има потреба од институции што работат, администрација што служи и функционери што одговараат за резултатите. Тоа е обврската што ја презедовме, тоа е отчетот што го поднесуваме и тоа е реформскиот пат по кој продолжуваме.












