Поранешниот тренер на Милвоки, Док Риверс, отворено проговори за предизвиците со кои се соочувал додека работел со една од најголемите НБА-ѕвезди, Јанис Адетокумбо. Искусниот стратег призна дека тренирањето на грчкиот кошаркар не било воопшто едноставна задача, и покрај неговиот неверојатен индивидуален квалитет.
Риверс посебно го истакна начинот на кој Јанис ја игра кошарката, потенцирајќи дека неговата огромна физичка доминација понекогаш може да биде и пречка за тимската игра.
- Не е лесно да се работи со него, бидејќи игра со луд ритам и постојано напаѓа кон обрачот. Тој е одличен додавач, но тоа не мора да значи дека има исклучително висок кошаркарски коефициент на интелигенција. Тоа е необична комбинација, изјави Риверс.
Американскиот тренер објасни дека Адетокумбо најчесто се потпира на својата физичка моќ, обидувајќи се речиси во секој напад сам да ја пробие противничката одбрана. Според него, проблемот се појавувал кога требало да се испочитуваат однапред договорените акции и тактичките замисли.
Риверс го спореди Јанис со кошаркарите од американскиот младински систем ААУ, кои уште од најрана возраст биле толку доминантни што често немале потреба да играат организирано. Наместо да ги следат тактичките инструкции, биле навикнати сами да ги решаваат натпреварите.
Токму затоа, поранешниот тренер на Милвоки сметал дека грчкиот ас мора да посвети поголемо внимание на дисциплината и спроведувањето на договорените акции.
- Му реков на Јанис дека мора да ја сфати важноста на спроведувањето на договорената акција. Мораш да бидеш целосно фокусиран на тоа за време на тренинзите и загревањето пред натпреварите, откри Риверс.
Тој заклучи дека индивидуалниот квалитет, колку и да е импресивен, не може секогаш да биде доволен за освојување трофеи. За еден тим да функционира на највисоко ниво, дури и најголемите ѕвезди мора да ги стават личните навики настрана и да ги следат замислите на тренерот.











