Гостувањето на македонската ракометна репрезентација во Халкида донесе двојно разочарување. Покрај поразот од Грција со 29:24 во квалификациите за Европското првенство 2028, натпреварот беше одбележан и со спорен потег на домаќините, кои во телевизискиот пренос ја означија Македонија со кратенката NMKD наместо официјалната ознака MKD.

Станува збор за потег на грчката национална телевизија ЕРТ, која за време на директниот пренос ја користеше ознаката NMKD на графиката со резултатот. Ова предизвика остра реакција од Ракометната федерација на Македонија, која најави дека нема да го премолчи инцидентот и дека ќе поднесе официјален приговор до Европската ракометна федерација (ЕХФ), но и до Ракометната федерација на Грција.

Од РФМ сметаат дека ваквото означување е неприфатливо на официјален меѓународен спортски натпревар и очекуваат надлежните институции да реагираат. Особено е чувствително прашањето што станува збор за јавниот национален радиодифузер на Грција, а според достапните информации, ваквата кратенка досега не била користена во нивните спортски преноси.

Дополнителна тежина на случајот му дава и Преспанскиот договор, во кој јасно се наведува дека меѓународните кодови MK и MKD остануваат официјални за сите намени, со исклучок на регистарските таблички на возилата, за кои се предвидени ознаките NM и NMK.

-За сите други намени, кодовите на земјата остануваат да бидат MK и MKD, како што е официјално определено од Меѓународната организација за стандардизација (ИСО), се наведува во договорот.

Засега нема официјално објаснување од ЕРТ или грчката ракометна федерација дали употребата на NMKD била намерна или станува збор за пропуст во телевизиската графика. РФМ, сепак, очекува случајот да добие соодветна институционална разрешница.

Така, гостувањето во Халкида ќе остане запаметено по две непријатни работи – поразот на теренот и спорната ознака на телевизискиот пренос. Сега останува да се види како ќе реагира ЕХФ на официјалниот приговор на РФМ и дали грчката страна ќе понесе одговорност за употребената кратенка.

ИЗДВОЕНИ