Најдобриот тенисер во историјата, Новак Ѓоковиќ, официјално се повлече од турнирот Мастерс 1000 во Мајами поради повреда на десното рамо, потврдија официјални извори.
Истата повреда го мачеше српскиот тенисер и на турнирот во Индијан Велс, каде што 38-годишникот беше поразен во осминафиналето од Џек Дрејпер по повеќе од два и пол часа борба. Тој ја донесе одлуката да се повлече еден ден пред почетокот на главниот ждреб, што беше потврдено на официјалната веб-страница на АТП турнејата.
Сè уште не е познато кога Ѓоковиќ планира да се врати на теренот, но е јасно дека поради неговото отсуство во Мајами, ќе ги изгуби 650-те поени што ги бранеше на овој турнир. Минатата година, тој стигна до финалето во Флорида, каде што беше поразен од Чехот Јакуб Меншик, па остана на вкупно шест титули освоени во Мајами, од кои последната ја крена во 2016 година.
Мастерс турнирот во Мајами, вториот турнир од серијата 1000 оваа сезона, се игра од 18 до 29 март.












