Италијанскиот тенисер Јаник Синер е во врвна форма во последно време, а за тоа најдобро говорат освоените пет последователни титули на мастерс-турнирите. Тој сега ќе се обиде да стигне до шестиот во Рим оваа недела, а интересно е што ако Синер го стори тоа – ќе стане само вториот тенисер во историјата што ги освоил сите мастерс-турнири.

Претходно, тоа му успеа само на Новак Ѓоковиќ, кој е сопственик на 40 мастерс титули (рекорд), додека ниту Надал ниту Федерер не успеаја да го повторат тој резултат во текот на нивните кариери. Но, како се чувствува Ѓоковиќ сега, кога знае дека неговиот рекорд е во опасност?

За разлика од гореспоменатите Надал и Федерер – Србинот е целосно релаксиран. Од неговиот одговор не може да се прочита ни трошка суета, дури и застана на страната на Синер и го поддржа. Секако, ова не значи дека ќе се „откаже“ од мастерс-турнирот во Рим, но Ѓоковиќ не е против фактот дека доаѓа генерација која може да ги надмине неговите рекорди.

  • Јаник дефинитивно ќе успее, веројатно оваа година, рече Ѓоковиќ пред почетокот на мастерсот во Рим: „Тој е многу силен, игра многу импресивно. Комплетен тенисер, го покажа тоа во последните години. Затоа е број еден во светот“.

Кога Ѓоковиќ го постави овој рекорд – тенисот не изгледаше баш како што изгледа сега. Многу повеќе тенисери знаеја како да се вклучат во борбата за титулата, додека површините на кои се играше беа различни, и не сите подеднакво брзи, приспособени како сега за Синер и за Алкарас.

Сепак, Ѓоковиќ не сака да го критикува Синер на никаков начин, тој истакнува дека, од негова гледна точка, сега е уште потешко да се освојат титули на мастерсот бидејќи се игра во период од две недели, како Гренд слем турнирите.

  • Сега е уште потешко да се победи на мастерсот отколку порано, бидејќи трае речиси две недели. Повеќе ми се допаѓаше кога траеше седум дена, а само Гренд слем турнирите се две недели. Но, така е и мора да се адаптираме, истакна Ноле.

Интересно е што на Синер му недостасува само Рим од деветте големи турнири, додека Ѓоковиќ последен го освои Синсинати и го додаде во својата богата колекција. Исто така, тој ги освои сите мастерс-турнири по двапати, што е доста големо достигнување, но сега е елиминиран од турнирот во главниот град на Италија.

 

ИЗДВОЕНИ