Со нов датум и со нови патриотски песни! Македонскиот музичко-патриотски фестивал „Гоце-фест“, по многу години од своите изданија во февруари, првпат ќе има нов термин на одржување, и тоа според една голема патриотска симболика. Годинашниот фестивал ќе се распее со нови, патриотски, македонски песни на 4 мај. Тоа е тажен ден за македонската нација. Токму на тој ден во 1903 година, во селото Баница, загинал македонскиот херој и идеолог на македонската борба за слобода, големиот Делчев.
Фестивалот ќе се одржи на истата локација, во Домот на АРМ во Скопје. Како што појаснуваат од фестивалската организација, новиот датум на одржување е сосема логично избран. А, салата во Домот на АРМ во Скопје, традиционално, е дом на фестивалот. Со години е локација на патриотската музика, каде што премиерно се промовираат нови песни посветени на татковината и на настаните од историјата на Македонците.
Тие песни ќе бидат отпеани од голем број популарни македонски фолк-пејачи, како во изминатите години, од веќе докажаните Благица Павловска, Круме Спасовски, Смиља Митревска, Гоце Пејковски, Лени Партикова, Перо Христов, Блага Петреска, Дамјан Стојаноски, Петар Нечоски… до сосема нови пејачки имиња. На тој начин, сите тие, низ својата емотивна интерпретација, ќе ја продолжат традицијата за популаризација на татковинската песна, како дел од македонската музичка ризница. А, и оваа година на најдобриот интерпретатор ќе му биде доделена ексклузивната награда “Никола Бадев“. Да потсетиме дека минатата година заслужено ја добија, Катерина Брезева со групата „Соната“ за песната „Момче Македонче“, како и новонадежниот пејач од Струга, Методија Столески пеејќи ја песната „Руво Зетовски“. (Д. М.)












