Од компанијта „Мајкрософт“ во саботата соопштија дека услугите се целосно обновени по масовниот прекин што траеше со часови, , пренесува „Еј-би-си7 њуз“.
„Ги завршивме напорите за решавање на основниот проблем што доведе до инцидентот и ја вративме услугата за преостанатите корисници и региони кои беа погодени“, наведе компанијата во објава на платформата „Икс“.
Глобалниот прекин во работата на услугите на „Мајкрософт“ предизвика пореметувања во функционирањето на владините институции и приватните компании низ азиско-пацифичкиот регион. „Даудетектор“ (Downdetector), онлајн сервис за следење, соопшти дека добил извештаи за прекини од корисници во повеќе од 70 земји и територии.
Во Јапонија, владините служби останаа без пристап до електронска пошта, додека Нов Зеланд привремено ја запре обработката на сите барања за визи.
Проблемот ги зафати Microsoft 365, Outlook и Teams, а последици беа забележани во неколку земји во регионот, вклучувајќи ги Јапонија, Нов Зеланд, Австралија, Сингапур и Филипините.
Јапонскиот министер за дигитални прашања, Тошихару Фурукава, потврди дека владините сервиси за е-пошта престанале да функционираат. Како резултат на тоа, службениците биле принудени за комуникација да користат телефони, платформи за чет и текстуални пораки.
Јапонското Министерство за надворешни работи, исто така, соопшти дека поради големиот прекин во Microsoft 365, не можело да испраќа или прима електронски пораки; граѓаните беа советувани да користат телефон за итни прашања.
Влијанието беше почувствувано и во Нов Зеланд, каде што имиграциската служба привремено ја прекина обработката на сите барања за визи, сè додека не се реши техничкиот проблем.
Сепак, имиграциската служба на Нов Зеланд подоцна објави дека системите се повторно во функција, овозможувајќи им на корисниците повторно да поднесуваат барања за визи и за електронски дозволи за патување. Проблеми беа забележани и во Австралија, каде што беа погодени операциите на Федералната полиција и разузнавачката служба, додека некои правосудни институции пријавија пореметувања во својата работа.
Од „Мајкрософт“ изјавија дека проблемите настанале поради зголемено оптоварување на инфраструктурата и тешкотии во поврзувањето со серверите. Компанијата наведе дека нема докази кои би укажале на тоа дека прекинот бил предизвикан од злонамерен напад.
Иако компанијата извести за подобрена стабилност на системот и постепено враќање на услугите, некои корисници можеби и понатаму се соочувале со повремени проблеми со пристапот и доцнење во испораката на електронските пораки.












