Оксана Чусовитина не е само една од најголемите гимнастичарки во историјата, туку и жена чија животна приказна го расплака светот на спортот.

Во спорт каде кариерата најчесто завршува во раните дваесетти години, таа настапуваше на Олимписки игри и во петтата деценија од животот, но причината поради која остана толку долго во гимнастиката беше многу потешка од желбата за медали.

Родена во 1975 година во Бухара, денешен Узбекистан, Оксана уште како девојче покажала неверојатен талент. Настапуваше за Советскиот Сојуз, а на Летните иломписки игри во 1992 освои злато.

По распадот на СССР се врати во Узбекистан, каде условите за тренинг биле катастрофални. Немало модерна сала, опрема, па дури ни основни услови за работа.

Во 1997 година се омажи за олимпискиот борач Бакодир Курбанов, а две години подоцна го добија синот Алишер. Но, во 2002 година нивниот живот се претвори во вистински кошмар. Додека Оксана била на Светско првенство, забележала дека нејзиниот син кашла и исфрла крв. По деталните прегледи лекарите му дијагностицирале акутна лимфобластна леукемија.

Во Узбекистан немало услови за лекување, а единствената надеж била клиника во Келн. Проблемот бил што терапијата чинела околу 120.000 долари — сума која семејството не можело да ја обезбеди. Тие продале сè што имале, но парите не биле доволни.

Тогаш Оксана ја донела најтешката одлука во животот — да продолжи да се натпреварува на врвно ниво само за да заработи пари за лекувањето на својот син.

Со помош на германската гимнастичка федерација добила можност да се пресели во Германија и да настапува под германско знаме, додека Алишер примал терапија.

-Не размислував за медали. Размислував за цената на хемотерапијата. Секој скок беше борба за животот на мојот син, изјави Чусовитина.

Во тие најтешки години таа правеше неверојатни резултати. Во 2003 година стана светска шампионка, а на 2008 на Летните олимписки игри освои сребрен медал на 33-годишна возраст, натпреварувајќи се против девојки двојно помлади од неа.

Истата година пристигнала и најубавата вест — нејзиниот син Алишер бил излечен, а болеста влегла во ремисија.

И кога многумина очекуваа пензија, Оксана продолжи понатаму. Повторно настапуваше за Узбекистан и се квалификуваше за Олимписките игри во Лондон, Рио де Жанеиро и Токио.

Во Токио 2021, на 46-годишна возраст, доби овации од целата сала, од судиите и од ривалките, кои ѝ се поклонија на легендата.

Иако неколкупати најавуваше пензија, Чусовитина секогаш се враќаше, водена од неверојатната љубов кон спортот и животот.

Денес нејзината приказна се смета за една од најемотивните во историјата на спортот — приказна за мајка која буквално се борела со секој настап за да му го спаси животот на своето дете.

ИЗДВОЕНИ