вторник, октомври 27, 2026
Дома СКОПСКА Герасимовски од социоеколошкиот форум: До крајот на мандатот, сите образовни објекти во...

Герасимовски од социоеколошкиот форум: До крајот на мандатот, сите образовни објекти во Центар ќе добијат фотоволтаични централи

12

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги претстави локалните политики и конкретните чекори што ги презема Општината за енергетска транзиција, заштита на зеленилото и за унапредување на јавните простори на панел-дискусијата „Кој ја обликува праведната зелена транзиција“, во рамките на социоеколошкиот форум, во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“.

Тој посочи дека Општината, со формирањето на „Енергија Центар“ во 2023 година, првото општинско претпријатие во државата за производство и продажба на електрична енергија од обновливи извори, стана лидер во процесот на енергетска трансформација.

– Веќе имаме поставено фотоволтаични централи на детската градинка „Корчагин“, клон „Пепелашка“, како и на основните училишта „Киро Глигоров” и „Свети Кирил и Методиј“. Следен објект е ООУ „Димитар Миладинов”, каде што, по завршувањето на реконструкцијата на покривот, ќе бидат инсталирани фотоволтаични централи. Наша цел е до крајот на мандатот сите образовни објекти под надлежност на Општина Центар да добијат фотоволтаични централ – истакна Герасимовски.

Градоначалникот нагласи дека зелената транзиција подразбира и јавни простори што се пристапни за сите, вклучително и за постарите лица, лицата со попреченост и за родителите со детски колички. Затоа граѓаните треба да бидат вклучени уште во фазата на планирање, а не само да се консултираат откако ќе бидат подготвени проектите.

Општина Центар располага и со зелен катастар и со ГИС-портал, преку кои се евидентира, следи и планира зеленилото врз основа на конкретни податоци. Овие алатки овозможуваат подобар увид во состојбата со зелените површини и поодговорно планирање на нивната заштита и унапредување.

– Зелената транзиција не е само прашање на екологијата и на енергијата. Таа е прашање на еднаквоста, достапноста и на квалитетот на живот. Ако сакаме навистина зелен и праведен град, мора да го градиме заедно со граѓаните, а не само за нив – потенцираше Герасимовски.

 

ИЗДВОЕНИ