По долгогодишен застој во дигитализацијата на локалните услуги, Град Скопје повторно работи на воспоставување електронски систем за поднесување и плаќање данок на имот. Новото решение треба да им овозможи на граѓаните полесно да ги намируваат даночните обврски без потреба од физичко одење во институциите, а во иднина услугата би можела да биде интегрирана и во националната апликација за дигитални услуги. Ова го најави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочувајќи дека повторното воспоставување на електронските услуги во локалната самоуправа е важен чекор кон поедноставување на административните постапки
Граѓаните би можеле да ги намируваат даночните обврски без чекање на шалтер, а услугата во иднина да стане дел од националната апликација за дигитални услуги. По долгогодишен застој во дигитализацијата на локалните услуги, Град Скопје повторно работи на воспоставување електронски систем за поднесување и плаќање данок на имот. Новото решение треба да им овозможи на граѓаните полесно да ги намируваат даночните обврски, без потреба од физичко одење во институциите, а во иднина услугата би можела да биде интегрирана и во националната апликација за дигитални услуги.
Ова го најави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочувајќи дека повторното воспоставување на електронските услуги во локалната самоуправа е важен чекор кон поедноставување на административните постапки.
Андоновски потсети дека пред околу една деценија постоел порталот skopje.gov.mk, преку кој граѓаните можеле електронски да ги следат податоците за својот имот и да ги плаќаат даночните обврски. Сепак, дел од дигиталните решенија што биле функционални до 2017 и 2018 година постепено престанале да се користат, поради што граѓаните повторно морале да ги завршуваат административните процедури на шалтерите.
Како пример за прекин на веќе воспоставени електронски услуги, министерот го посочи и Катастарот, кој во минатото издавал електронски имотни листови, но подоцна престанал со оваа практика.
– Проблемот во Македонија е што многу од работите што функционираа до 2017-2018 година, престанаа да функционираат со текот на времето. Се сеќавате дека Катастарот дотогаш издаваше електронски изводи, за потоа да престане да ги издава и да се вратиме повторно на шалтер – истакна Андоновски.
Според него, со промените во Град Скопје, повторно се отвора можноста за унапредување на локалните електронски услуги. Во моментов се работи на платформа што ќе овозможи електронско поднесување и плаќање на данокот на имот, а по нејзиното воспоставување ќе биде олеснето и поврзувањето со националната мобилна апликација.
На тој начин, граѓаните во иднина би можеле преку едно централно место да пристапуваат до различни државни и локални услуги без потреба од посета на повеќе институции.
Mинистерот нагласи дека дигитализацијата на локалните административни постапки зависи и од подготвеноста на самите општини да воспостават соодветни системи. Toj додаде дека Министерството за дигитална трансформација не може директно да интервенира во општините што немаат воспоставено инфраструктура за електронско функционирање.
– Ако која било општина нема таков систем, за нас е невозможно да влеземе сосила во општината и да ги дигитализираме процесите – дециден е Андоновски.
Тој информираше дека во насока на надминување на овие пречки, Министерството за дигитална трансформација, во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), работи на проект преку кој ќе им се помогне на заинтересираните општини да ги дигитализираат основните административни услуги.
– Предвидено е со проектот да бидат опфатени различни постапки, меѓу кои издавање согласности за поставување урбана опрема, поднесување барања за организирање настани и аплицирање за различни видови субвенции. Процесот веќе е почнат, но неговото целосно спроведување ќе бара време, имајќи ги предвид различното ниво на дигитална подготвеност и капацитетите на општините – објасни Андоновски.
Според него, крајната цел е постепено воспоставување единствен и функционален систем за локални услуги, кој ќе им овозможи на граѓаните побрзо и поедноставно да ги завршуваат административните обврски.
– Доколку бидат реализирани најавените решенија, електронското плаќање на данокот на имот би било еден од значајните чекори кон намалување на шалтерското работење и поголема достапност на јавните услуги – заклучи министерот.












