Граѓаните не ги оценуваат институциите според плановите и ветувањата, туку според услугите што ги добиваат, одговорите што ги чекаат и довербата што ја имаат во системот. Знаењето треба да стане сила на администрацијата, професионалноста нејзин стандард, а довербата на граѓаните нејзин најголем резултат. Ова го порача министерот за јавна администрација, Горан Минчев, на третиот циклус генерички обуки за административните службеници за 2026 година, кој се одржа во Куманово и беше наменет за службениците од Североисточниот Регион.
Минчев посочи дека реформата на јавната администрација добива конкретна институционална и законска основа, а напредокот е препознаен и во Извештајот на Европската комисија за 2026 година. Во него се нотирани преземените чекори за зајакнување на капацитетите на Министерството за јавна администрација, унапредување на системот за управување со човечките ресурси и воспоставување поцврста рамка за професионално и одговорно функционирање на администрацијата.
-Оценките на Европската комисија се важен показател дека сме на реформски пат што мора да го продолжиме со уште посилна динамика. Но, за нас најважно е реформите да не останат само законски решенија и институционални промени. Тие мора да се почувствуваат во секојдневната работа на институциите и во услугите што ги добиваат граѓаните, истакна Минчев. Говорејќи за следната фаза од професионализацијата на администрацијата, министерот ја посочи и Академијата за стручно усовршување и обука на административните службеници, која треба да биде еден од клучните столбови на реформата.
-Не ја градиме Академијата за да добиеме уште една институција во системот, туку за да воспоставиме механизам што ќе обезбеди континуирано учење, квалитетни програми, унифицирани стандарди и реални можности за професионален развој. Сакаме знаењето да не завршува со обуката, туку да се применува во работата и да носи подобри резултати“, нагласи Минчев.
Како дел од реформскиот процес, министерот ги посочи и новите законски решенија што се однесуваат на високите раководители, административните службеници и вработените во јавниот сектор. Со нив, како што истакна, се воспоставуваат појасни професионални критериуми, вреднување според постигнатите резултати и поголема одговорност во работењето.
Министерството за јавна администрација продолжува со активностите за создавање компетентна и ефикасна администрација, во која знаењето и професионалноста ќе бидат основа за работењето, а одговорноста стандард за сите. Крајната цел е институции што ќе одговараат на потребите на граѓаните и ќе ја оправдаат нивната доверба преку поквалитетни услуги и конкретни резултати.












