Низа инфраструктурни, комунални, социјални и спортски проекти се реализирани во изминатата година во повеќе населени места во Општина Петровец, соопшти ВМРО-ДПМНЕ. Во дел од населените места се преземени активности за подобрување на водоснабдувањето. Нови бушотини се изведени во Сушица, Горно Коњари, Катланово, Блаце, Кожле, Тотинци и Брезица. Во Средно Коњари се поплочени улици со бекатон-плочки и е поставена канализациска мрежа, додека во Долно Коњари е изградено ново повеќенаменско спортско игралиште.
Инфраструктурни активности се реализирани и во Ржаничино, каде што во новата населба Блок 6 се асфалтирани четири улици. Притоа, претходно биле изградени канализациска и атмосферска мрежа, улично осветлување и тротоари, а на две улици се поставени павер-елементи. Во Огњанци се асфалтирани две улици, а паралелно продолжува изградбата на канализациската мрежа. Од општината наведуваат дека со канализација досега се опфатени околу 90 отсто од домаќинствата во населеното место. Асфалтирање на улици имало и во Петровец, Катланово и Катлановска Бања, додека во Градманци е изградена улица со павер-елементи.
Во делот на сообраќајната безбедност, изработен е сообраќаен проект за Петровец и Ржаничино, кој, според соопштението, е одобрен од СВР Скопје. Поставена е вертикална и хоризонтална сообраќајна сигнализација. Во образованието, за учениците се обезбедени работни униформи, а во ООУ „Братство и единство“ е реконструиран плафонот, поставени се нови светилки и се уредени помошните простории на спортската сала. Во соработка со Фудбалската федерација на Македонија, според ВМРО-ДПМНЕ, се реконструирани и фудбалските терени во Петровец, Ржаничино, Долно Коњари и Средно Коњари.
Општината во изминатиот период спровела и повеќе мерки за финансиска и социјална поддршка. На пензионери со пензија до 23.000 денари им биле доделени по 2.500 денари, додека за секое прваче биле обезбедени по 4.000 денари. Лицата со попреченост добиле по 20.000 денари, а за социјално загрозени семејства биле обезбедени повеќе од 230 хуманитарни пакети по повод Велигден и Рамазан Бајрам. За подобрување на комуналните услуги, општината набавила и два камиони за собирање смет.
Дел од проектите сè уште се во тек. Во завршна фаза, според соопштението, е асфалтирањето на патот Дивље–Средно Коњари, во должина од 6.630 метри. Во тек е и изградбата на културен дом и нова детска градинка во училишниот двор на ООУ „Кочо Рацин“ во Петровец. Во училишниот двор веќе е завршена изградбата на нов парк, додека во Петровец, Ржаничино и Катланово се изградени три теретани на отворено. Во дворот на градинката „Авионче“ е уреден и детски забавен парк. Дополнително, по барање на жителите од улица 1 во Петровец е саниран мостот кој обезбедува пристап до домовите, а исчистени се и диви депонии во Огњанци и Петровец.












