На Француско-иранската авторка, уметница и филмска режисерка Марџан Сатрапи, која стекна светска слава со графичкиот роман и филмот „Персеполис“, почина на 56-годишна возраст, потврдија луѓе блиски до уметницата, пренесе „Би-би-си“.
„Марџан Сатрапи почина од тага нешто повеќе од една година по смртта на Матијас Рипа, нејзиниот сопруг и љубовта на нејзиниот живот“, се вели во соопштението, според „Ле Монд“.
Сатрапи, гласен критичар на теократската влада на Иран, пристигна во Франција во 1994 година и стана француски државјанин во 2006 година. „Персеполис“ ја раскажува приказната за нејзиното растење во Техеран и живеењето под ограничувањата наметнати од иранското раководство по Исламската револуција во 1979 година. Нејзините родители потоа ја испраќаат во Европа, каде што таа започнува живот во егзил.
Минатата година, таа ја одби наградата „Легија на честа на Франција“ поради она што таа го нарече „лицемерство“ на Франција во нејзините односи со Иран. Таа ја наведе визната политика на Франција како причина, што им го отежнува патувањето на иранските дисиденти во европската земја.
Сатрапи режираше неколку филмови, вклучувајќи ја и филмската адаптација од 2007 година на нејзиниот графички роман „Персеполис“. Филмот, кој го режираше заедно со Винсент Пароно, ја освои наградата на жирито на Канскиот филмски фестивал и беше номиниран за „Оскар“.
„Иако е универзален филм, сакам да ја посветам оваа награда на сите Иранки“, изјави Сатрапи за „АФП“ во тоа време.
Таа беше еден од истакнатите гласови на иранските жени по протестите што избувнаа во Иран по смртта на 22-годишната иранска Курдинка Махса Амини во 2022 година. Амини почина во притвор откако беше уапсена за наводно кршење на кодексот за облекување за жените.
На протестот во Париз по повод втората годишнина од нејзината смрт, Сатрапи беше меѓу оние што го извикуваа слоганот „Жени, живот, слобода“.
„Многу е важно овој режим да си замине“, рече таа за Исламската Република Иран, но нагласи дека тоа не може да се случи преку ноќ.
„Мислам дека е важно да се задржи надежта“, додаде таа.
Нејзината работа не е ограничена само на теми поврзани со Иран. Таа, исто така, го режираше филмот „Радиоактивно“ од 2019 година, биографска драма за пионерката во истражувањето на радиоактивноста и добитничката на Нобелова награда, Марија Кири, во кој глуми Розамунд Пајк.
Нејзиниот сопруг, Матијас Рипа, кого го запознала во Париз, бил нејзин долгогодишен соработник. По неговата смрт, Сатрапи ја основала Филмската фондација „Матијас и Марџан Рипа-Сатрапи“, која ги поддржува меѓународните студенти кои сакаат да дојдат во Париз за да студираат филм.
По смртта на нејзиниот сопруг, нејзиниот Инстаграм профил речиси целосно бил сведен на серија објави со пораката „Затоа што ја изгубив љубовта на мојот живот“, придружена со фотографија од нејзиниот сопруг и информации за работата на фондацијата.












