
Францускиот премиер Себастијан Ле Корнеј денес изјави дека третото ниво од здравствениот план за вонредни состојби „Орсан“, кој беше воведен поради топлотниот бран, останува на сила на највисоко ниво, со оглед на тоа што топлотниот бран може да се повтори.
На почетокот на владиниот состанок на кој се дискутираше како Франција се справи со силниот топлотен бран минатата недела и како може да се подготви за идните топлотни бранови, Ле Корнеј рече дека преземените мерки „дале добри резултати“, објави телевизијата „BFM“.
Планот „Орсан“ го координира целиот француски здравствен систем за подобро управување со приливот на пациенти за време на вонредни состојби.
Се состои од вкупно четири нивоа, при што третото ниво особено овозможува мобилизација на здравствените резерви, зајакнување на соработката меѓу болниците и матичните лекари и презакажување на одредени процедури.
Француската метеоролошка агенција денес соопшти дека екстремната топлина се намалила во поголемиот дел од земјата, иако температурите веројатно повторно ќе се зголемат до крајот на неделата.
Според научниците, топлотниот бран што ја погоди Европа помеѓу 17 и 20 јуни бил „најлошиот досега забележан во Европа, каде што климата се менува побрзо од глобалниот просек“, пренесува „Танјуг“.
Француската агенција за јавно здравје вчера соопшти дека земјата регистрирала дополнителни 1.000 смртни случаи за време на топлотниот бран што ја погоди Европа.











