Меѓународната автомобилска федерација (ФИА) официјално потврди голема промена во Формула 1, која ќе стапи на сила од сезоната 2027. Должината на трките за Големата награда ќе биде намалена од досегашните 305 на 290 километри. Во практика, тоа значи дека на повеќето патеки трките ќе завршуваат два-три круга порано.

Одлуката е директно поврзана со новите погонски единици и со промените во правилата за моторите. Со измените се менува односот меѓу моќноста на моторот со внатрешно согорување и електричниот систем, а зголемениот проток на гориво ќе значи и поголема потрошувачка.

Токму поради тоа се појави проблемот со капацитетот на резервоарите. Тимовите, кои работат под финансиски лимити, сакаат да ги задржат постојните шасии и да избегнат скапо редизајнирање на болидите.

Доколку останеа трките со досегашната должина, дел од тимовите ќе мораа да развиваат нови шасии со поголеми резервоари за гориво, што би претставувало значителен дополнителен трошок.

Затоа ФИА и Формула 1 се одлучија за компромисно решение: пократки трки, но без потреба од големи промени на болидите.

Во исто време, ФИА потврди и дека се откажува од одредени претходно предложени измени поврзани со дизајнот на менувачите.

Единствен исклучок ќе биде Големата награда на Монако. Поради специфичноста на патеката и традиционално пократката дистанца, легендарната трка ќе остане на 260 километри.

Така, од 2027 година Формула 1 ќе влезе во нова ера со значајни технички промени, но и со пократки трки во најголемиот дел од календарот.

ИЗДВОЕНИ