Италијанската полиција пронашла 3,2 милиони евра во готовина скриени во ѕидовите, подовите и мебелот на еден стан во близина на Неапол. Триесет и четири лица се уапсени во голема операција против мафијата. Парите биле откриени во областа Каивано и главно се состоеле од банкноти од 50 евра.
Готовината била завиткана во целофан и скриена под подните и ѕидните плочки, како и во фиоките на плакарите, пренесува „Си-ен-ен“. Полициските службеници ги изнеле сноповите пари во пластични кофи и ги префрлиле во оклопно возило. За време на претресот, пронашле и 11 луксузни часовници „Ролекс“, оружје и опрема за која полицијата тврди дека се користела за трговија со дрога.
Операцијата уследи по повеќемесечна истрага предводена од обвинителот за борба против мафијата во Неапол, Никола Гратери. Истражителите, меѓу другото, ги прислушувале мобилните телефони на затворените членови на криминалните групи. Гратери изјави дека членовите на семејствата им ги криумчареле телефоните во затворот.
Кланот е толку моќен во градот што локалната управа била ставена под судски надзор.
„Само во еден дом запленивме 3,2 милиони евра во готовина, како и вредни часовници“, изјави Гратери. Полицијата добила информации за скриените пари и за криминалната група и од доушници кои сведочеле во замена за заштита.
Полицијата наведува дека уапсените се поврзани со кланот Анџелино. Со текот на времето, овој клан го зајакнал своето влијание во Каивано до тој степен што минатата година локалната управа била ставена под судски надзор. Истрагата исто така го открила наводниот начин на организирање на криминалните активности.
Обвинителот Гратери го опиша нивниот модел на работа како „претприемачки“, при што луѓето работеле во смени и организирале трговија со дрога и изнуда. Против 34-те уапсени лица се покренати сомневања за приклучување кон мафијашка организација, трговија со дрога, изнуда и поседување дрога наменета за продажба.
Пронајдените пари ќе бидат уплатени во италијанскиот Фонд за правда, кој ја финансира помошта за жртвите на организираниот криминал. Акцијата предизвика и политички реакции.
Опозицијата го искористи случајот за да ја критикува владината програма „Каивано“, која беше покрената во 2023 година со цел рехабилитација на запуштените области и борба против криминалот.
Обвинителот Гратери се осврна и на проблемот со финансирањето на полициското прислушување. Тој иронично изјави дека запленетите 3,2 милиони евра би можеле да ги покријат трошоците за прислушување во Неапол за цела година.












