– Најчесто употребувана супстанција кај младите е марихуаната, која е лесно достапна и често присутна на забавите. Исто така, и употребата на алкохол е на доста високо ниво и е доста честа, особено во текот на викенд- забавите – соопштија од Центарот за социјална работа 

 

Значителен дел од малолетниците во Општина Гевгелија експериментираат со наркотични средства, особено со марихуана и со синтетичка дрога, кои ги користат при групни собири, викенд-забави и слично. Ова е дел од информацијата за состојбата со употребата на наркотици и психотропни супстанции кај младите од Гевгелија, која беше презентирана пред општинските советници, на последната седница.

Од Центарот за социјална работа во Гевгелија велат дека немаат формална статистика колку од младите користеле или користат наркотични средства, бидејќи, како институција, ги евидентираат лицата што веќе имаат развиено зависност.

– Услугата за третман и рехабилитација ја спроведува терапевтската организација „Покров“ од Струмица и од 2020 година имаме сместено 12 лица, од кои 10 корисници зависници од дрога, а две од алкохол. Но, нашите сознанија, кои се добиени од директна работа со децата и со нивните родители, се дека значителен дел од малолетните лица во Општина Гевгелија експериментираат со психотропни супстанции, особено со марихуана и со синтетичка дрога. Најчесто употребувана супстанција кај младите е марихуаната, која е лесно достапна и често присутна на забавите. Исто така, и употребата на алкохол е на доста високо ниво и е доста честа, особено во текот на викенд-забавите – соопштија од Центарот за социјална работа. 

Од оваа институција информираа дека најчесто работат со зависниците кога има пријави за семејно насилство, при што мерките се извршуваат преку судот и оттаму предложува нивното лекување во соодветна установа.

Според специјалистот психијатар Сашко Цветковиќ од Општата болница со проширена дејност во Гевгелија, причина за употребата на дрога кај младите се љубопитноста и припаѓањето на одредено друштво, што се карактеристики за младите во периодот на адолесценцијата и возраста од 12 до 16 години. Тој вели дека во овие лица доаѓаат болничките установи кога се на возраст над 18 години, а првите контакти со дрогата им биле со марихуаната.

Од Психијатриската болница во Негорци, која, освен Гевгелија, покрива уште неколку града, на седницата на Советот соопштија дека кај нив не се лекуваат лица под 18 години, додека во изминатата година болнички лекувале 22 наркозависници, од кои половина на возраст од 20 до 34 години, а другите над 35-годишна возраст.

– Од овие пациенти, не сите се со живеалиште во Гевгелија, а од новорегистрираните 11 пациенти во 2025 година, четворица се од нашата општина. Сепак, реалниот број е далеку поголем од оној што е прикажан кај нас, односно не сите се јавуваат на лекување во нашата установа, туку одат и во дневните центри за наркозависници. Но, бројот на овие лица се зголемува од година на година – информираше директорот на болницата, Сашко Стојиловски, кој посочува дека за младите под 18 години, често семејствата прибегнуваат кон вонинституционално лекување, поради малиот одѕив кај домашните институции и тоа што се третираат овие случаи само на Детска психијатрија во Скопје.

 

ИЗДВОЕНИ