недела, јуни 7, 2026
Дома БАЛКАН „Фламинго револуција“ во Албанија: Брисел ја предупреди Тирана поради луксузното одморалиште на...

„Фламинго револуција“ во Албанија: Брисел ја предупреди Тирана поради луксузното одморалиште на Џаред Кушнер

242
EPA/Alexandros Beltes

Европската комисија денес ја предупреди Албанија да не презема никакви мерки што би можеле да влијаат на нејзиниот пат кон членство во Европската Унија, по протестите во земјата поради изградбата на луксузно одморалиште во заштитено подрачје, поврзано со зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер.

Комисијата предупреди дека изградбата на одморалиштето би можела да ја доведе Албанија во конфликт со прописите на ЕУ за животна средина, со што би се загрозила можноста да го затвори зеленото Поглавје 27 во преговорите за пристапување.

„Албанија треба да се воздржи од какви било мерки што би можеле да го загрозат исполнувањето на конечните критериуми и очекуваме албанските власти да дејствуваат без одложување. Во процесот на пристапување во ЕУ, како дел од конечните критериуми за преговорите за Поглавје 27 за животна средина и климатски промени, се очекува Албанија целосно да се усогласи со законодавството на ЕУ во оваа област, вклучително и Директивите за птици и живеалишта“, изјави портпарол на Европската комисија за Политико.

Тој ја повика Албанија да ги укине измените на Законот за заштитени подрачја и да го „укине“ законот за стратешки инвестиции.

Портпаролот, исто така, рече дека албанскиот министер за животна средина, Софјан Јаупај, ја информирал Европската комисија во Брисел дека изградбата на одморалиштето е запрена и дека ќе се спроведе проценка на влијанието врз животната средина со граѓанското општество.

„Веќе му ја изразивме нашата загриженост на министерот за животна средина за потенцијалните недостатоци на овој проект“, рече портпаролот.

Протестите во Албанија, наречени „Фламинго револуција“ по фламингата што живеат во заштитеното подрачје, денес влегоа во својот седми ден и се интензивираа во текот на викендот, со повици за оставка на премиерот Еди Рама.

Албанскиот обвинител за борба против корупцијата, СПАК, исто така, започна истрага за контроверзните промени во заштитениот статус на областа и сопственоста на земјиштето во 2024 година.

ИЗДВОЕНИ