Глобалната економија и понатаму е под голем притисок. Геополитичките тензии, високите цени на енергијата, проблемите во глобалната трговија и поскапото финансирање оставаат последици и врз земјите од Западен Балкан, а со тоа го стеснуваат и просторот на владите за реакција кога ќе дојде нова криза. Ова го истакна министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, на Регионалната конференција „Охрид 2026“, каде што порача дека државата мора навреме да си создаде простор за маневрирање, наместо да го бара дури кога ќе избувне кризата.

Според неа, тоа значи постепено намалување на дефицитот, внимателно следење на јавниот долг, подобра наплата на приходите и, пред сè, попаметно трошење на државните пари.

– Фискалниот простор мора да се создава пред да биде потребен. Фискалната отпорност не се гради во моментот кога ќе почне кризата – рече Димитриеска-Кочоска, додавајќи дека токму тоа е пристапот што го следи Владата во среднорочната фискална политика.

Министерката оцени дека во услови на постојана неизвесност, нови геополитички поделби и зголемен јавен долг, државите се соочуваат со тешка задача – да ги покријат реалните потреби, но притоа да не ги трошат парите без мера. Таа посочи дека затоа Владата се определила за постепено и одговорно средување на јавните финансии, паралелно со подобрување на начинот на кој се планираат и реализираат јавните инвестиции.

Димитриеска-Кочоска нагласи дека фискалната консолидација не треба да значи само кратење на трошоците. Според неа, подобрата наплата на приходите не смее повторно да падне на грбот на граѓаните и на фирмите кои редовно си ги плаќаат обврските. Во исто време, на земјите од регионот им треба посилен економски раст, но тој, како што рече министерката, не може да се темели само на поголема потрошувачка. Растот треба да доаѓа од поголема продуктивност, односно од повеќе производство и подобра ефикасност.

Особено внимание, според неа, треба да се посвети на стратешките инвестиции во инфраструктурата и енергетиката, особено поради климатските промени и сè почестите екстремни временски услови.

– За земјите од Западен Балкан, стабилноста и растот не се спротивставени цели. Тие мора да се градат заедно. Фискалната дисциплина не значи откажување од развојот, а инвестициите не значат занемарување на долгот – порача Димитриеска-Кочоска.

Како главни принципи на економската политика, таа ги посочи стабилноста, отпорноста, инвестициите и продуктивноста, нагласувајќи дека земјите од регионот, иако дел од нив не се во Еврозоната, се тесно поврзани со европската економија. Според министерката, јавните финансии треба да бидат доволно стабилни за да издржат нови удари, но истовремено да остават простор за инвестиции и економски раст.

 

ИЗДВОЕНИ