Премиерот Христијан Мицкоски вели дека земјава во изминатиот период бележи значаен пораст на вложувањата и отворањето нови производни капацитети. Како примери ги посочи ветерниот парк на турски „Алказар“ и новиот погон на „ВИК“ во ТИРЗ Прилеп. Премиерот најави дека Владата ќе продолжи да работи на привлекување странски, но и на поддршка на домашните инвеститори. Според него, целта е преку нови проекти и инвестиции да се подобри стандардот на граѓаните

Околу 1,4 милијарди евра странски инвестиции се влезени во земјава во изминатите две години, односно откако е избрана актуелната Влада, изјави премиерот Христијан Мицкоски при посетата на Прилеп. Мицкоски направи споредба со претходната Влада и рече дека разликата е голема. Според него, кај претходната влада, таа бројка била околу 750 милиони евра.
– Ако ги споредиме овие две години со првите две години, тогаш кога немаше кризи, тогаш ќе стане збор за споредба помеѓу приближно една милијарда и 400 милиони евра кај оваа Влада и околу 750 милиони евра кај претходната влада. Бројките се јасни. Разликата е огромна, без разлика дали тоа ќе го конвертираме како бројка споредено по глава на жител или како вкупна бројка – рече Мицкоски на отворањето на новиот погон на фабриката „ВИК“ во ТИРЗ Прилеп.
Премиерот порача дека Владата продолжува да работи на привлекување нови инвеститори, но и на поддршка на домашните компании. Како пример ги посочи големата инвестиција од околу половина милијарда долари во ветерен парк на турски „Алказар“, како и новиот производен погон на фабриката „ВИК“ во ТИРЗ Прилеп.
– Продолжуваме и понатаму, така што Владата е целосно ориентирана кон привлекување инвеститори – нагласи премиерот.
Зборувајќи за економијата и стандардот на граѓаните, Мицкоски рече дека денес се живее подобро отколку пред три години и вети дека за уште три години животот ќе биде уште подобар.
– Колку и да сакаат да го оцрнат тоа што оваа Влада го работи, денеска многу подобро се живее од пред три години. Ви ветувам дека за три години од денеска ќе се живее многу подобро од денес – рече Мицкоски.
Тој призна дека не е сè идеално и дека има грешки, но порача дека Владата е мотивирана да продолжи со проекти и инвестиции кои, како што вели, треба да донесат подобар живот и повисок стандард за граѓаните.
– Инспирацијата целосно ја црпиме од поддршката што ја добиваме од граѓаните и јас сум исклучително благодарен за тоа, а дека е сè идеално – не е. Дека има грешки – има, кој работи знае и понекогаш да згреши, но мора сите да се сложиме дека е многу подобро од пред три години – рече Мицкоски.
Инаку, компанијата „Вик“, според Мицкоски, е важен партнер на Владата, особено во Пелагонискиот Регион, бидејќи успешно работи од 2018 година. Со новиот производен капацитет, односно новата инвестиција, се очекува кога ќе го достигне својот максимум да има нови дополнителни 300 вработувања.
– Би сакал да му се заблагодарам на сопственикот на компанијата за тоа што ги препозна Прилеп и оваа економска зона, но и Македонија, како дестинација за водење бизнис – изјави Мицкоски.
Мицкоски: Се бара решение за поврзување на експресниот пат Прилеп – Градско со Коридорот 10д
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата преговара со изведувачот на Коридорот 10д за начинот на кој експресниот пат Прилеп – Градско ќе се поврзе со новата автопатска делница Прилеп – Битола.
– Наш приоритет е завршувањето на автопатот Прилеп – Битола. Очекувам следната година првите 10 до 12 километри да бидат пуштени во двонасочен сообраќај – рече Мицкоски во Прилеп. Тој посочи дека се планира и обиколница околу Битола со поврзување со граничниот премин Меџитлија.
Во однос на оштетувањата на делницата Прилеп – Градско, Мицкоски рече дека Јавното претпријатие за државни патишта ги санира проблематичните делници во рамките на своите можности и капацитети. Премиерот ги повика граѓаните да го користат делот од експресниот пат што е веќе пуштен во сообраќај.
Мицкоски најави дека следната година се очекува да бидат пуштени првите 10 до 12 километри од автопатската делница Прилеп – Битола, со двонасочен сообраќај. Тој додаде дека се планира и обиколница околу Битола со поврзување кон граничниот премин Меџитлија, а се преговара и за поврзување на крајот на експресниот пат од Коридорот 10д со автопатската делница што се гради во моментов.












