Новиот Совет на стопанственици во Кисела Вода ќе биде мост меѓу компаниите и институциите. На првата седница беа владините програми за вработување, преку кои фирмите можат да добијат финансиска помош за отворање нови работни места. Најголем акцент е ставен на младите до 29 години, за чие вработување компаниите можат да добијат по 250 илјади денари неповратна поддршка. Пред стопанствениците беа претставени и можностите за дополнителни грантови и стимулации за ангажирање нови работници

Поддршка за компаниите, нови работни места и подобра поврзаност меѓу институциите и бизнис-секторот се главните цели на новоформираниот Совет на стопанственици на Општина Кисела Вода, кој вчера ја одржа својата конститутивна седница. На средбата на која присуствуваа заменик-министерот за економија, Марјан Ристески, и заменик-директорката на Агенцијата за вработување, Весна Пешова, пред претставниците на деловната заедница беа презентирани актуелните владини мерки за поддршка на работодавачите, со посебен фокус на можностите за ангажирање млади лица и развој на локалното стопанство.
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, порача дека Советот ќе има значајна улога во поврзувањето на стопанствениците со институциите и во пренесувањето на информациите за можностите што им стојат на располагање.
– Вие сте гласот на бизнис-секторот, но и најбрзиот канал преку кој корисните информации ќе стигнат до секој стопанственик во Кисела Вода. Нашата цел е преку отворена комуникација и партнерство да создадеме подобри услови за развој на компаниите и отворање нови работни места – истакна Стаменкоска Трајкоска. Таа упати благодарност до Владата за креирањето мерки за поддршка на стопанството, како и до претставниците на институциите кои ги презентираа можностите за користење на програмите.
Во фокусот на седницата беше подмерката „Вработување и раст на правни субјекти“, која располага со буџет од околу 5,4 милиони евра. Со неа компаниите ќе можат да добијат неповратна финансиска поддршка за нови вработувања, при што најголем акцент е ставен на младите до 29 години.
– Создаваме механизми со кои компаниите ќе добијат поддршка за проширување на своите капацитети, а младите ќе добијат можност за вработување и стекнување работно искуство. Овие мерки се насочени кон реалните потреби на економијата и на пазарот на труд – посочи заменик-министерот за економија, Марјан Ристески.
Според презентираните податоци, за вработување млади лица, компаниите можат да добијат неповратна поддршка од 250.000 денари, додека за други категории невработени се предвидени грантови од 160.000 до 220.000 денари. Дополнително, предвиден е стимулативен бонус од 10 проценти за работодавачите кои ќе вработат лица повратници. Една компанија може да користи поддршка за вработување на најмногу пет лица.
Заменик-директорката на Агенцијата за вработување, Весна Пешова, нагласи дека институцијата останува партнер на работодавачите и дека преку мерките се создаваат услови за поголема активност на пазарот на труд.
– Целта е да им помогнеме и на работодавачите и на невработените лица. Преку овие програми се обезбедува директна поддршка за компаниите, но и нова перспектива за граѓаните кои бараат работа – рече Пешова.
На седницата, своја презентација имаше и извршниот директор на Шведско-македонската стопанска комора, Самуил Наумовски Викиус, кој е член на Советот на стопанственици на Кисела Вода. Тој посочи дека присуството на Комората во општината претставува можност за дополнително поврзување на домашните компании со меѓународни партнери.
Од Општина Кисела Вода порачаа дека Советот на стопанственици ќе продолжи активно да работи на унапредување на деловната клима и создавање услови за пораст на локалната економија, повикувајќи ги компаниите да ги искористат достапните мерки за поддршка.
– Повеќе информации за мерките, работодавачите можат да добијат во работните клубови на центрите за вработување, секој работен ден од 08:00 до 14:00 часот, како и преку официјалните канали на Агенцијата за вработување – информираа од Општина Кисела Вода.












