Скопјани можат мирно да ги полнат чашите: водата од градскиот водовод е исправна и безбедна за пиење. Последните проверки покажаа дека квалитетот на водата што стигнува до домовите, фирмите и до институциите во градот е во согласност со сите пропишани стандарди.
Од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје информираат дека во вторникот екипите од Секторот за санитарна контрола направиле редовен дневен мониторинг и зеле 42 примероци од водоводната мрежа низ Скопје. Од нив, три примероци биле земени од бунарскиот потег Нерези – Лепенец.
Сите примероци ги поминале проверките на физичко-хемиските и микробиолошките анализи во акредитираните лаборатории на Секторот за санитарна контрола, според највисоките стандарди за испитување на квалитетот на водата.
Резултатите од направените испитувања покажале дека сите анализирани примероци од системот за водоснабдување во Скопје ги исполнуваат барањата за безбедност и квалитет на водата за пиење.
Од „Водовод и канализација“ порачуваат дека редовните контроли продолжуваат секојдневно, со цел граѓаните да имаат сигурна и квалитетна вода директно од чешма.












