Дебитантскиот игран филм „17“ во режија на Косара Митиќ е награден за најдобар филм во натпреварувачката програма „Нови режисери” на 44. Интернационален филмски фестивал на Уругвај, кој се одржуваше од 30 март до 12 април. Како што соопшти „Црна мачка продукција“, „17“ ја освои наградата во конкуренција од 13 наслови, по одлука на тричлено стручно жири во состав: Аиноа Артече Уриарте – актерка и режисерка од Шпанија, Маријанела Морена – драмска писателка и театарска режисерка од Уругвај и Ернан Росели – сценарист и режисер од Аргентина.

– Фестивалот е традиционално организиран од Кинотеката на Уругвај на локации во Монтевидео и во уште неколку градови, како што се Флорида, Канелонес, Роча и Сан Хозе. Годинава, фестивалот прикажа повеќе од 200 филмови од 67 земји, меѓу кои беа голем број национални и меѓународни премиери. Во фокусот на натпреварувачката програма „Нови режисери“ е промоцијата на дебитантски остварувања и млади таленти. Прикажувајќи селекција од уникатни авторски филмови, таа нуди платформа за новите гласови од најновата светска кинематографија, велат од македонската продукција.

ИЗДВОЕНИ