Оркестарот на Македонската филхармонија овој четврток, со почеток во 20:00 часот, ќе одржи концерт насловен „Симфониски хоризонти“, на кој како солисти ќе настапат виолинистката Сихана Бадивуку и виолончелистот Паскал Краповски. Диригент ќе биде Десар Сулејмани (Германија), а на програмата ќе бидат увертирата од операта „Поетот и селанецот“ од Ф. Фон Супе, концертот за виолина и виолончело „Музата и поетот” од К.Сен-Санс, „Тешкото“ од Г. Смокварски и Симфонија број 9 од А. Дворжак.
Десар Сулејмани е германски пијанист и диригент, роден во Албанија, чија уметничка дејност се развива на пресекот меѓу музичката интерпретација, едукацијата и културната размена. Виолинистката Сихана Бадивуку-Хоџа (1967) се смета за еден од најпрефинетите музички уметници од т.н. средна генерација. Својот уметнички израз Паскал Краповски активно го презентира на концертните подиуми во Македонија и во странство.
Со истата програма, на 18 и 19 април, Македонската филхармонија ќе гостува во Германија, Бон – родното место на Бетовен и во Оберхаузаен, со што ја потврдува улогата на Македонија како земја со богата музичка традиција. Концертите на Македонската филхармонија во Германија се составен дел од свечениот настан по повод петгодишнината од партнерството меѓу Северна Рајна-Вестфалија и Северна Македонија.












