Со пораки за враќање кон изворните социјалдемократски вредности, критики кон актуелната власт и повик за забрзување на европските интеграции, претседателот на СДСМ Венко Филипче се обрати на 32. програмски Конгрес на партијата, што се одржа под мотото „Твоја држава – твоја шанса“.
Лидерот на пртијата оцени дека Македонија се наоѓа пред историска можност за напредок кон Европската Унија, но предупреди дека државата ризикува да заостане зад соседите поради, како што рече, отсуство на јасен план од страна на власта. Според него, додека Албанија ги отвора преговарачките кластери, а Црна Гора веќе се приближува кон членство, Македонија останува во застој.
Тој ја обвини Владата за економски и институционален пад, посочувајќи дека граѓаните се соочуваат со високи трошоци за живот, намалување на индустриското производство и пад на странските инвестиции. Воедно, предупреди на, како што рече, слабеење на демократијата, политички притисоци врз институциите и зголемена контрола врз медиумите. Во своето обраќање, лидерот на СДСМ порача дека Конгресот претставува „прв конгрес на новата одговорност“ и најави нов морален и политички курс на партијата.
„Не ни треба нов партиски речник, туку нов морален завет“, рече Филипче, нагласувајќи дека СДСМ треба повторно да стане „совест на државата, глас на трудот и заштита на понижениот човек“.

На Конгресот беше претставена и новата идеолошка платформа на партијата, која, според Филипче, се темели на социјална правда, солидарност, фер оданочување, силни институции и европска иднина. Тој истакна дека СДСМ во наредниот период ќе дејствува во три правци – барање конкретен план за продолжување на евроинтегративниот процес, понуда на социјалдемократска алтернатива за економските и институционалните предизвици и мобилизација на прогресивните сили во земјата и регионот. Во таа насока, Филипче ја посочи и „Скопската иницијатива“, чија цел е обединување на прогресивните партии на Балканот во борбата против национализмот, популизмот, корупцијата и организираниот криминал. Обраќајќи им се на делегатите и гостите од сестринските европски партии, тој нагласи дека социјалдемократијата не е само политичка определба, туку идеја што го става човекот во центарот на политиките.
„Вистинската социјалдемократија не ја мери државата по висината на говорницата, туку по висината на платата, по правото на лекување, по достоинството на пензионерот и по шансата младите да останат дома“, порача Филипче. На крајот од Конгресот, претседателот на СДСМ повика на обновување на довербата во институциите и политиката, истакнувајќи дека партијата ќе остане на страната на работниците, младите, пензионерите и европската иднина на државата.












