понеделник, ноември 2, 2026
Дома БАЛКАН Од менувачница до банкарска империја: Кој е Давор Мацура, сопственикот на „Алта...

Од менувачница до банкарска империја: Кој е Давор Мацура, сопственикот на „Алта банка“?

13

Давор Мацура, сопственикот на „Алта банка“ – на која Народната банка на Србија (НБС) ѝ ја одзеде дозволата за работа – е приведен по полициски претрес во просториите на банката, кој траеше повеќе од 30 часа. Со текот на годините, Мацура изгради деловна групација која се прошири од менувачници кон услуги за плаќање, банкарство и инвестиции од голем обем, а тој, исто така, стана познат во јавноста преку соработката со државното претпријатие за енергетика, „Електропривреда Србије“ (ЕПС).

На 31 октомври, Извршниот одбор на НБС донесе одлука да ѝ ја одземе дозволата за работа на „Алта банка“. Централната банка соопшти дека инспекцијата открила значително влошување на финансиската состојба на банката – со потенцијал за понатамошно влошување – со што се загрозуваат интересите на штедачите.

Мацура (43) го започнал својот бизнис во 2008 година со отворање на менувачницата „Алта“ во Земун, која првично била регистрирана како самостојна дејност. Подоцна станал претседател на Здружението на менувачници на Србија, а во 2014 година бизнисот бил пререгистриран во друштво со ограничена одговорност.

Голем деловен пробив се случил во 2016 година, кога „Алта пеј“, добила овластување за обработка на плаќања – вклучително и плаќање сметки – преку своите менувачки пунктови.

Во мај 2019 година, „Алта групацијата“ станала мнозински акционер во „ЈУБМЕС банка“, со преземање на државниот удел, банката подоцна била преименувана во „Алта банка“. До јуни истата година, „Алта пеј“ управувала со 1.000 локации за обработка на плаќања, бројка што три години подоцна пораснала на 2.000. Деловните активности на групацијата вклучувале и шалтери за плаќање административни такси во рамките на полициските станици.

Во јуни 2023 година, „Алта пеј“ добила дозвола од Народната банка на Србија (НБС) за работа како институција за електронски пари, а еден месец подоцна станала единствен сопственик на „Алта банка“. Во јануари минатата година, компанијата добила и дозвола за давање услуги за плаќање во Црна Гора.

Во 2023 година, „Алта Пеј“ склучи стратешко партнерство со „Електропривреда Србије“ (ЕПС), при што плаќањата на сметките за електрична енергија, извршени онлајн, се обработуваа преку платформата на компанијата, со наплата на провизија.

Според податоците наведени во текстот, „Алта групацијата“, минатата година остварила промет од 15 милиони евра, додека нето-добивката на „Алта банка“ изнесувала речиси 14 милиони евра.

Сепак, деловните активности на Мацура не се ограничуваа само на менувачници и банкарство. Тој е сопственик или сосопственик на 15 компании, од кои повеќето се основани по 2018 година. Меѓу потфатите што го привлекоа вниманието на јавноста беше преземањето на имотот на „Индустрија машина и трактора“ (ИМТ), која беше во стечај.

Комплексот на ИМТ во Нов Белград, кој зафаќа површина од приближно 33,5 хектари, беше купен од фирмата „АБЛ Солвент“, за околу 70 милиони евра. Според информациите што претходно ги објави N1, Давор Мацура бил сопственик на таа фирма, како и на „Алта Пеј групацијата“. Во моментот на продажбата, вредноста на земјиштето била проценета на над 200 милиони евра.

На веб-страницата на „Алта групацијата“ беа објавени информации за посетите на Мацура на Соединетите Држави и неговите средби со членови на Конгресот.

Тој, исто така, ја доби наградата „Лидер на следната генерација“, која, според наводите, му била доделена како признание за неговата посветеност на зајакнување на деловните врски меѓу Србија, Западен Балкан и Соединетите Држави.

ИЗДВОЕНИ