Екипата на Ферари, конечно, доби викенд што внесе дополнителна доза оптимизам во пресрет на продолжението од сезоната во Формула 1. Трката за Големата награда на Канада донесе резултат што во Маранело го оценија како подобар од очекуваното, а по неа стигна и порака која сигурно ќе го привлече вниманието на конкуренцијата.

Ферари во Монтреал го оствари својот најдобар заеднички резултат сезонава. Луис Хамилтон заврши на второто место, додека Шарл Леклер мина низ целта како четвртопласиран.

Ваквиот настап дополнително го израдува тимскиот шеф Фредерик Васер, кој отворено зборуваше за позитивните сигнали што ги добил тимот за време на канадскиот викенд.

Французинот посебно нагласи дека резултатот добива уште поголема тежина ако се земе предвид фактот што директните ривали донесоа нови технички надградби, додека Ферари одлучи да почека и пакетот за подобрување да го подготви за следната трка во Барселона.

Пофалби особено доби Хамилтон, кој според Васер, го имал својот најкомплетен викенд откако пристигна во Маранело.

  • Имаше добри квалификации и добри трки претходно, но мислам дека ова беше негов прв целосен викенд – од првиот круг на тренинзите до трката. Беше многу самоуверен, изјави Васер.

Според него, токму самодовербата направила голема разлика во тешките услови во Монтреал, каде што тимовите имаа проблеми со загревањето и управувањето со гумите.

За Леклер, пак, Васер смета дека во Канада пристигнал со одреден психолошки товар, бидејќи ова не е патека на која традиционално има најдобри резултати.

  • Шарл има доволно искуство сам да ја анализира ситуацијата. Сигурен сум дека брзо ќе го остави овој викенд зад себе, рече шефот на Ферари.

Но, најинтересниот дел од пораката беше поврзан со надградбите што следуваат.

Додека Мекларен и Мерцедес веќе донесоа нови делови на болидите, Ферари одлучи да го прескокне Монтреал и целосно да се фокусира на трката во Шпанија.

  • Очекувавме да бидеме многу подалеку зад нив. Затоа ова е дополнително охрабрувачко, порача Васер.

Сето тоа значи дека Барселона ќе биде еден од најважните тестови за SF-26 досега, а во Маранело веруваат дека токму таму ќе го направат следниот голем чекор во битката за врвот.

ИЗДВОЕНИ