– Дваесет години е време во кое се создава историја. Во тие две децении, Факултетот за арт и дизајн прерасна во простор на идеи, истражување и слободно креативно изразување. Простор во кој генерации студенти ја градеа својата авторска поетика, ги поставуваа своите први професионални прашања и ги обликуваа своите идни патишта. Овој факултет е резултат на заедничка работа на многу луѓе – сегашни и поранешни професори, асистенти, административен кадар и соработници, кои со својата посветеност придонесоа да се изгради институција со препознатлив квалитет и интегритет… посочи проф. м-р Благојче Наумоски, декан на Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет – Скопје на вчерашното отворање на Јубилејната и Годишна изложба во Културно-информативниот центар – Скопје

Две децении врвна креативност, посветеност, знаење и визија… Вака накратко може да се опише постоењето на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет – Скопје, каде што генерации студенти го добија најдоброто образование од областа на уметноста и дизајнот за што зборуваат постигнатите успеси и соработки со бројни институции и организации во државата и надвор од неа.

Двете децении постоење на Факултетот, вчеравечер, беа претставени преку дела изложени во Културно-информативниот центар во Скопје, во рамките на Јубилејната и Годишна изложба, на која се претставени избрани студентски трудови од студиските програми Графички дизајн, Моден дизајн и Ентериер дизајн, како и селекција на дела од дипломирани и магистрирани студенти, создадени како резултат на наставниот и уметничкиот процес на Факултетот. Присуството на голем број љубители на уметноста и дизајнот беше доволен доказ за професионалноста и извонредноста на делата создадени на оваа високообразовна установа со традиција, која стана препознатлива и надвор од границите на нашата држава.

– Дваесет години е време во кое се создава историја. Тоа се две децении исполнети со работа, посветеност, визија и континуирано градење на една препознатлива академска и креативна заедница. Во тие две децении, Факултетот за арт и дизајн прерасна во простор на идеи, истражување и слободно креативно изразување. Простор во кој генерации студенти ја градеа својата авторска поетика, ги поставуваа своите први професионални прашања и ги обликуваа своите идни патишта. Овој факултет е резултат на заедничка работа на многу луѓе – сегашни и поранешни професори, асистенти, административен кадар и соработници, кои со својата посветеност придонесоа да се изгради институција со препознатлив квалитет и интегритет… Вечерва не отвораме само изложба, туку жив пресек на идеи, труд, имагинација, посочи проф. м-р Благојче Наумоски, декан на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет – Скопје, на завчерашното отворање на Јубилејната и Годишна изложба во КИЦ. Тој додаде, дека, сепак, најголемата сила на факултетот отсекогаш биле студентите, нивната љубопитност, храброст да експериментираат и нивната посветеност, кои се вистинскиот двигател.

Деканот Наумоски ги посочи и бројните успеси на Факултетот годинава, меѓу кои: учество на Марија Роглева во финалето на модната ревија на европскиот натпревар „Пјер Карден“ во Атина, гостување на проф. д-р Ѓоко Муратовски, учество во меѓународен натпревар за дизајн на плакат за човекови права во Софија, Бугарија, студентска модна ревија „Елиптика“ на Моден викенд Скопје, студентска модна ревија на „Денови на модата во Штип“, конкурс и изложба на плакати против дискриминација во Галерија „Остен“, учество во проект и работилница „Фјучр сторителинг“и на изложбата „Пролетен Салон’’ во Мала Станица (Национална галерија на Македонија), како и на изложбата „Професори и студенти’’ во Младински културен центар. Тука се и првата награда за Марија Роглева, на конкурсот за дизајн на креација инспирирана од КИА, „Денови на модата во Штип“, награда на ликовен конкурс на Ротари клуб во Велес за Меланија Стојанова, Специјална награда за Ивана Славковска, меѓународен натпревар за дизајн на плакат за човекови права, втора награда за Марија Роглева на европскиот натпревар за млади модни дизајнери „Пјер Карден“, Париз, Франција.

Во рамките на настанот се обратија и поранешната и сегашната претседателка на Студентското собрание на Факултетот за арт и дизајн, Марија Роглева и Леона Давидовска, а беа доделени и благодарници на студентките Марија Роглева и Ивана Славковска за особени достигнувања и за национална и меѓународна промоција на Факултетот за арт и изајн, на соработниците: Кирил Ѓозев, претседател на УМПАКИ, Душан Томшиќ, претседател на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Барбара Лигл, лидерка на компонентата Фундаментални и човекови права, како и на проф. д-р Гордана Вренцоска, личноста која остави длабока трага во развојот на Факултетот.

– На Факултетот сум од самиот почеток на неговото формирање. Првиот ден кога дојдов, колегите ме прашаа на кој Факултет ќе се запишувам и затоа секоја година се чувствувам како да сум бруцош и секоја година со иста возбуда ги доживувам сите оние креативни моменти, очекувања, надежи на студенти кои се запишуваат на нашиот факултет. За да успее една идеја, треба да веруваш во неа. Јас од самиот почеток верувам во идејата за Факултетот за арт и дизајн и така е во сите овие 20 години, посочи проф. д-р Вренцоска, добитник на признанието за исклучителен придонес во високото образование, врвна професионалност, долгогодишна посветеност кон студентите и за значајни резултати постигнати во развојот и афирмацијата на Факултетот во изминатите дваесет години.

Дизајн на јубилејното лого на изложбата е на Петар Новковски, а дизајн на плакатот е на Емилија Спасовска (Д. Т.) Фото: Ѕ. Плавевски

ИЗДВОЕНИ