Додека ЕУ ја тресе прашањето на мигрантската криза, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, отиде на одмор на село и уште побара од јавноста да ѝ предложи имиња за двете пилиња на нејзината кокошка Чикелета. Шпанскиот премиер, Педро Санчес, пак, замина на одмор токму кога навалија мигрантите на Сеута. Прво го прекина одморот, замина за Сеута, се обрати оттаму, а кога оцени дека е завршена кризата, се врати на одмор иако ситуацијата во Сеута беше далеку од нормална
Геополитичките кризи и природните катастрофи имаат досадна навика да ја потресуваат Европа среде лето, кога политичките лидери на ЕУ се сончаат или се исклучуваат во некое пасторално засолниште. Иако владите на континентот се покажаа извонредно вешти во функционирањето кога се лидерите на одмор, во криза, да се биде виден како присутен може да биде важно речиси исто колку и да се биде таму, пишува „Политико“.
– Емоциите играат важна улога во комуникацијата во криза. Луѓето, веројатно, се несигурни, вознемирени, можеби бесни или депресивни поради тоа што загубиле работи или дури и луѓе, и сакаат да бидат слушнати овие емоции од оние на власт – вели Олга Ајзеле, истражувач за комуникации во криза на Универзитетот во Амстердам, додавајќи дека физичкото присуство може многу поефикасно да сигнализира дека овие емоции се сфаќаат сериозно и се слушнати.
Според „Политико“, заминувањето на одмор во време на сериозна политичка или социјална криза може да се покаже како многу ризично за европските лидери, особено за оние што веќе се соочуваат со пад на популарноста. Дури и кога државните институции имаат разработени механизми за реагирање во кризни ситуации, отсуството на високи функционери може да остави впечаток кај јавноста за рамнодушност, политичка нечувствителност или за недостиг на контрола врз ситуацијата.
Како пример „Политико“ ги наведува претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и шпанскиот премиер, Педро Санчес, кои заминаа на одмор во екот на кризни ситуации. Урсула фон дер Лајен направи пауза од редовните должности токму во моментот кога беше суспендирано патувањето без пасош меѓу Шпанија и Италија, а премиерите на двете земји отворено ги критикува политиките на другиот. Во таква ситуација, таа се одлучи дел од летото да ѝ помине мирно, на неоткриена рурална локација. Додека спорот за миграцијата во ЕУ сè уште трае, оваа недела, Фон дер Лајен објави видео на „Инстаграм“ во кое бара имиња за две пилиња изведени од нејзината кокошка, Чикелета.
– Иако семејното време е важно, таа секогаш внимателно ги следи сите критични прашања, останува целосно ангажирана и интервенира директно секогаш кога е потребно – изјави за „Политико“ портпаролот на Комисијата, додавајќи дека претседателката на Комисијата внимателно ги следела случувањата во Сеута и е во „секојдневен контакт“ со тројцата комесари вклучени во директното решавање на кризата.
Во случајот со Шпанија, премиерот Санчес беше само неколку часа на почетокот од својот еднонеделен одмор на 30 јули, кога навалија 72.000 мигранти во шпанската енклава Сеута. Социјалистичкиот лидер соодветно ги одложи своите планови и отпатува во северноафриканскиот крајбрежен град, каде што се обрати на телевизија, реагирајќи на критиките од другите лидери на ЕУ. Но, штом процени дека е под контрола вонредната состојба, тој го продолжи својот закажан одмор во државната вила на островот Ланзароте. Неговата одлука да земе слободно време дури и кога политичките потреси продолжуваа да го тресат блокот, предизвика критики од опозициските политичари како Елиас Бендодо, заменик-секретар на централнодесничарската Народна партија, кој оваа недела го обвини премиерот за „невидена себичност“ за одење на одмор додека ситуацијата во Сеута е „далеку од нормална“.
– Санчес го навредува шпанскиот народ со тоа што останува на одмор, на плажа – кажа тој.
Овие примери повторно го отвораат прашањето колку е опасно да бидат отсутни политичките лидери во моменти кога јавноста очекува нивно непосредно присуство и одговор на ситуациите. „Политико“ оценува дека современите европски администрации може да функционираат дури и без директно присуство на своите лидери, но дека се јавува политичкиот проблем, пред сè, на ниво на јавната перцепција. Ајзеле вели дека негативните реакции за отсуството на политичарите во клучни моменти честопати укажуваат на подлабоки проблеми со нивниот имиџ.
– Ако политичарот веќе има проблеми со популарноста, кризите обично се совршено време за преиспитување на неговата компетентност – рече таа.
Ваквите околности, според весникот, покажуваат дека одморот на политичките лидери не е само прашање на нивниот приватен распоред туку може да стане и сериозен политички проблем ако се совпадне со криза што граѓаните ја сметаат за тест за способноста на владата.












