За половина од македонските граѓаните еднонеделниот одмор наместо потреба, станува луксуз. Според европската статистика, 48 отсто од населението во Македонија не може да си дозволи најмалку една недела одмор. Со тоа, земјава е меѓу државите со највисок удел на граѓани што не може да издвојат доволно средства за одмор. Полоша е состојбата во Романија, каде што овој удел достигнува 61 отсто, додека повеќе од половина од населението во Црна Гора (58 отсто), Албанија (53 отсто) и Турција (51 отсто) не можело да си дозволи одмор.
– Имаме туристички аранжмани за сечиј буџет. За граѓаните што располагаат со ограничени средства за летување, една од најдостапните опции е апартманското сместување во Грција. Најевтините понуди во моментов се движат околу 400 евра за седум дена, при што во цената е вклучено сместувањето, а превозот е во сопствена организација. Сепак, крајната цена може дополнително да се намали доколку туристите навреме го планираат патувањето и ги искористат понудите за рана резервација. Во зависност од периодот и од конкретниот аранжман, попустите со „ран букинг“ од 20 или 30 отсто може да ја намалат цената за дополнителни 70-80 евра. За оние што бараат поевтина варијанта, најчесто ги препорачуваме апартманите на оимписката ривиера и на првиот крак на Халкидики, каде што може да се најдат поекономични понуди. Секако, цените зависат од терминот, локацијата и од видот на сместувањето, но и во текот на летната сезона има опции за граѓаните што сакаат да поминат одмор со ограничен буџет – велат за ВЕЧЕР од скопска туристичка агенција.
Од Сојузот на синдикатите на Македонија велат дека бројките се загрижувачки и покажуваат дека голем дел од работниците, и покрај тоа што имаат право на годишен одмор и регрес за годишен одмор – К-15, немаат реална финансиска можност да отпатуваат и да поминат одмор надвор од местото на живеење.
– Регресот за годишен одмор треба да ја има токму таа функција – да им помогне на работниците да ги покријат трошоците поврзани со одморот, а не да биде исплатен на крајот од годината, кога се потребни средствата за други расходи. К-15 се дава пред годишните одмори, а не за прослава пред Нова година. За жал, во практиката често се користи законски дозволениот рок за исплата, па голем број работници ги добиваат средствата до крајот на годината. Дотогаш, тие пари најчесто се наменети за други неопходни трошоци: огрев, зимница, сметки, школски трошоци и секојдневни потреби – изјави за весникот ВЕЧЕР Иван Пешевски, потпретседател на Синдикатот.
Од ССМ посочуваат дека реалната слика за можноста на граѓаните да си дозволат летување е понеповолна од онаа што ја покажуваат статистичките податоци. Дел од семејствата што, сепак, заминуваат на одмор го прават тоа со задолжување, потрошувачки кредити или плаќање на аранжманите на рати.
– Многумина се задолжуваат или користат плаќање на рати за да може да отпатуваат, што значи дека одморот се плаќа во месеците што следуваат. Со приходите со кои располагаат голем број работници, изборот често се сведува на еднодневен престој, викенд или само неколку дена во некои од домашните туристички центри. Затоа сметаме дека не е прашањето само дали има работникот право на одмор и К-15 туку дали му овозможуваат неговите приходи навистина да го искористи тоа право – велат од ССМ.
Еден од начините да се надмине проблемот со одмор за голем дел од работниците е воведување ваучери за годишен одмор, кои би можеле да се користат во домашните туристички капацитети. На овој начин, придобивка би имале и граѓаните и домашната економија, велат туристичките експерти.
– Ваучерите би им овозможиле на работниците да поминат дел од годишниот одмор во домашните хотели, апартмани, туристички населби или во други регистрирани сместувачки капацитети, без да падне целосниот трошок врз нивниот семеен буџет. Истовремено, средствата би останале во земјата и би се насочиле кон домашниот туристички сектор. Овој модел би можел да има позитивен ефект и врз локалните економии. Работниците и нивните семејства, покрај сместувањето, би трошеле средства и во локалните ресторани, маркети, продавници, за транспорт, рекреативни активности, сувенири и други услуги. Со тоа, ефектот од ваучерите не би се ограничил само на хотелите и туристичките агенции туку би се проширил и врз малите бизниси во туристичките места. На тој начин би се постигнал двоен ефект – повеќе граѓани би можеле да си дозволат вистински годишен одмор, а истовремено би се стимулирал домашниот туристички промет и би се зголемила потрошувачката во македонските туристички дестинации. Наместо да се трошат средствата за одмор во странство, дел од нив би останувале во домашната економија и би се враќале преку приходите на туристичкиот сектор и локалните бизниси – велат туристичките експерти за весникот ВЕЧЕР.
Но, финансискиот фактор не е единствената причина поради која дел од граѓаните го поминуваат летото дома. Покрај високите трошоци за патување, сместување и храна, како пречки се издвојуваат и работните обврски, несигурноста на работните места и ограничената можност за користење на годишниот одмор.
За дел од вработените, токму летните месеци се период на најголем обем на работа, поради што и оние што имаат средства за патување не може лесно да одвојат неколку слободни дена. Други, пак, по намирувањето на основните трошоци за живот, немаат доволно средства за да издвојат дополнителен буџет за летување.
Парадоксот е особено видлив во земјите што живеат од туризам. Во Грција, една од најпопуларните летни дестинации за македонските граѓани, 46,6 отсто од населението не може да си дозволи еднонеделен одмор. Така, луѓето што работат во хотели, ресторани, транспорт и трговија често го поминуваат летото работејќи на дестинации преполни со странски туристи, без самите да имаат можност за одмор.
Највисок процент во ЕУ има Романија, каде што 61,4 отсто од граѓаните не може да си дозволат еднонеделен одмор, а следуваат Бугарија и Унгарија со по 39,1 отсто. Високи проценти бележат и Италија (35,7 %), Португалија (33,1 %), Хрватска (32,6 %) и Шпанија (32,2 %). На спротивниот крај се Шведска со 12,4 отсто, Данска со 14,1 отсто, Финска со 14,8 отсто, како и Швајцарија (8,7 %) и Норвешка (9,1 %).
Во регионот, најнеповолна е состојбата во Албанија (60 %) и во БиХ (55 %), додека во Црна Гора половина од граѓаните не може да си дозволат еднонеделен одмор. Во Србија, процентот е 28 отсто, близу до просекот на ЕУ.
Зад статистиката, сепак, стојат конкретни семејства и луѓе што го поминуваат летото дома – не затоа што избрале така, туку затоа што одморот станал трошок што нивниот буџет не може да го поднесе.
(А. С.)












