петок, август 14, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Со трактор пред огнот – Аце ја ораше земјата кога тргна пламенот...

Со трактор пред огнот – Аце ја ораше земјата кога тргна пламенот кон селото

Пожарите во соседството до линија со морето

0

Пет македонски семејства побарале помош за евакуација од пожарите во Грција. Во Пелагонија, огнот стигна на само 50 метри до куќите, а мештаните, пожарникарите и доброволците со часови се бореа да го спречат неговото ширење кон селата

Пожарот кај Сивири на Халкидики е ставен под контрола, но пожарникарите се на штрек бидејќи ветерот може повторно да го разгори. Стотици туристи, меѓу кои и македонски, мораа да ги напуштаат хотелите и да бараат безбедно место, каде што чекаа да мине опасноста. Некои останаа без струја, вода, Интернет и телефонска мрежа, а патиштата беа затворени поради опасноста од повторно разгорување на огнот.

Стравот и неизвесноста поради пожарите натераа пет македонски семејства да побараат помош или асистенција при евакуација од погодените подрачја, информираа од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, од каде што посочуваат дека македонските граѓани, преку дипломатско-конзуларното претставништво во Солун, биле упатени, во координација со грчките власти, кон најблиските безбедносни точки, каде што биле згрижени заедно со другите туристи.

Во меѓувреме, туристичките агенции испраќаат до своите клиенти пораки за смирување, известувајќи ги дека се ставени под контрола пожарите во Сивири и во Фурка, дека во голем дел нема штети на сместувачките места каде што биле нивните туристи и дека биле повторно воспоставени вода и електрична енергија. Грчките власти, пак, обезбедија и можност за бесплатно привремено сместување за туристите и за жителите што поради евакуацијата не можеле да се вратат во своите хотели или апартмани.

Благица, Македонка што живее и работи во Фурка, раскажува дека пожарот бил на само три-четири километри од местото каде што се наоѓала, а поради развојот на ситуацијата, биле евакуирани и луѓе од хотелите.

– Во Фурка и во Скала Фурка немаше пожар, но беше на три-четири километри одовде. Во такви услови, нормално е да нема струја, па потоа и вода, а најважно за нас, бидејќи на тоа му даваме приоритет, немаше мрежа и Интернет до околу 21:00 часот – раскажува Благица.

Таа вели дека во текот на ноќта во четвртокот кон петок, по последните авионски интервенции, се почувствувал остар мирис на чад, но ветерот брзо го разнел, додека противпожарните екипи и во петокот изутрината останале на терен поради опасноста од повторно активирање на пожарот. Патот кон Касандрија бил затворен, полицијата поставила патроли за да го контролира движењето на луѓето, а туристичкото место Сивири било меѓу најкритичните, но туристите и локалното население биле безбедно евакуирани.

– Има големи материјални штети, но најбитно е дека нема човечки жртви, а тоа е најскапото и најдрагоцено нешто – пишува Благица на својот профил и ги повикува туристите што се наоѓаат во погодените места да бидат трпеливи и без потреба да не се движат низ подрачјата на кои има полициски патроли.

 ВО ПЕЛАГОНИЈА, ОГНОТ СТИГНАЛ НА 50 МЕТРИ ДО КУЌИТЕ

 Во Пелагонија, пожарникарите и мештаните со часови, во четврокот вечерта, водеа една од најтешките битки со огнот во земјава. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, ја опиша изминатата ноќ како една од најтешките, особено во регионот на Пелагонија, каде што пожарот загрозил неколку села: Ивањевци, Лознани и Новоселани, а огнената линија во еден момент се приближила на само 50 метри до куќите.

Гореле сува и висока трева, а поради должината на огнената линија, борбата траела со часови, при што, покрај пожарникарите од Битола ,биле ангажирани и четири „пинцгауери“ од Дирекцијата за заштита и спасување, како и локалното население, кое активно се вклучило во спречувањето огнот да стигне до домовите.

Во таа борба особено се издвоил младиот 36-годишен Александар Чепиговски од Ивањевци. Аце влегол со својот трактор покрај огнената линија и ја орал земјата со цел да направи противпожарен појас и да му го пресече патот на огнот што се движел кон Лознани, ова, во телефонски разговор, со жар ни го пренесе Ангелов.

– Неговата борба со огнот со трактор, заедно со пожарникарите, доброволците и со мештаните, кои со напртњачи и со метли го гаснеа пожарот, ја покажува целата тежина на ноќта во која огнот веќе не беше опасност оддалеку, туку закана што се приближуваше до првите куќи – вели Ангелов за весникот ВЕЧЕР.

Во гаснењето биле ангажирани и 20 волонтери од Доброволното противпожарно друштво „Архангел“ од Битола, а еден од нив се здобил со изгореници на дланките.

 ТРИЕСЕТ И ТРИ ЧАСА НА ТЕРЕН, 12 ПОЖАРИ НА ОТВОРЕН ПРОСТОР

 Колку била тешка ситуацијата покажува и податокот што пожарникарите од Територијалната противпожарна единица Битола повеќе од 33 часа без прекин интервенирале на пожарите што почнале на 12 август попладнето, во Маково, а потоа се појавиле и во Граешница, Кукуречани, кај местото Ергела, Гнеотино, Ивањевци, Новоселани и Лознани. Интервенцијата на битолските пожарникари траела до 1 часот по полноќ на 14 август, а во текот на ноќта, како поддршка, пристигнале и екипи од ТППЕ Кавадарци, тимови за брз одговор од ДЗС со четири возила „пинцгауер“, како и жители од месното население.

Од ТППЕ Битола информираат дека целосно се изгаснати пожарите во селата, а пожарот во Маково е локализиран, но на мал дел од непристапниот терен сè уште се забележува чад, бидејќи на тој простор има експлозивни направи останати од Првата светска војна и директна интервенција би претставувала опасност за животите на пожарникарите. Од битолската противпожарна единица посочуваат дека на сите локации станувало збор за подметнати пожари што претставувале сериозна закана за населените места.

Огнената стихија, сепак, не е целосно запрена. Според Центарот за управување со кризи, вчера биле регистрирани вкупно 12 пожари на отворен простор, од кои шест се активни, два се под контрола, а четири се изгаснати. Активни се пожарите кај Моране, Вртекица и Рамни Габер во Студеничани, кај Драгов Дол и Локвица во Македонски Брод, кај Маково, Црничани и Рапеш во Новаци, кај Слп во Велес, Копанце во Јегуновце и Зајас во Кичево. Кај Јегуновце, во гаснењето интервенира хеликоптер, додека во Студеничани се ангажирани три „ер трактори“.

Пожарот во Македонски Брод, кој трае неколку дена, Ангелов го оценува како сериозен поради тешко пристапниот карпест терен, каде што е ангажиран модул за шумски пожари составен од 25-мина доброволци и петмина оперативци на ДЗС.

 ЕДЕН МРТОВ И 36 ПОВРЕДЕНИ ВО ПОЖАРОТ ВО ХРВАТСКА

 Во Хрватска, големиот пожар што се прошири од подрачјето на Локва Рогозница кон Омиш, носен од силниот ветер, остави зад себе голема материјална штета, со изгорени куќи, автомобили и пловни објекти, а околу 1.000 жители и туристи беа евакуирани. Вчераутро, пожарот во најголем дел беше ставен под контрола и нема отворен оган, но пожарникарите и натаму се на терен поради опасноста од повторно разгорување. Сплитско-далматинската полиција, при преглед на опожарено подрачје, пронајде мртво тело на човек. Во пожарот се повредени најмалку 36 лица, од кои 14 се хоспитализирани, а седум се во животозагрозувачка состојба, со тешки изгореници на дел од телото. Во текот на ноќта, со огнот се бореле 286 пожарникари со 90 противпожарни возила и со четири летала (П. А.)

 

Уапсените потпалувачи завршуваат со парични казни!?

Од јуни наваму, најмалку четворица се фатени или приведени под сомнение дека намерно подметнувале пожари на отворен простор. Во Штипско, полицијата во јуни затекла 25-годишник како потпалува сува трева покрај патот Штип –Кочани, додека во Македонски Брод, минатата недела, 45-годишник од Грешница бил затечен при подметнување пожар меѓу Грешница и Слатина, што било документирано и со дрон. Во Долнени, пак, на 7. месецов бил лишен од слобода 76-годишник поради сомнение дека предизвикувал пожари на отворен простор. Четвртиот случај се случил во Теарце, каде што бил уапсен 55-годишник под сомнение дека подметнал пожар на нива. Во овие случаи станува збор за сува трева, нива и за отворени површини, што е доволно да предизвикаат пожар од поголеми размери. Од ЈП „Македонски шуми“ редовно реагираат дека потпалувачите завршуваат со парични казни.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ