понеделник, јуни 22, 2026
Дома СВЕТ Европа гори на +40°C: Топлотниот бран ги парализира Франција, Германија и Италија

Европа гори на +40°C: Топлотниот бран ги парализира Франција, Германија и Италија

120
Фото: EPA/ANNA SZILAGYI

Европа се соочува со екстремен топлотен бран кој зафати голем дел од континентот, при што температурите во некои земји се приближуваат или надминуваат 40 степени Целзиусови.

Во Франција се на сила црвени временски предупредувања, додека живата во термометарот би можела да достигне помеѓу 39 и 41 степен во наредните денови. Француската метеоролошка служба предупредува дека топлината ќе трае барем до следната недела, без никакво значително освежување.

Поради ситуацијата е најавен итен состанок на француските власти, со оглед на тоа што највисоките температури се очекуваат на почетокот на неделата, кога би можеле да се приближат до историските рекорди.

Слична ситуација е и во Германија, каде што се издадени предупредувања за речиси целата земја. Температурите се приближуваат до 38 степени, а метеоролозите предупредуваат и на можноста за силни грмотевици што би можеле да се појават поради комбинацијата од висока температура и влажност.

Во Италија, топлината од 36 до 37 степени веќе предизвикува тешкотии во секојдневниот живот, вклучувајќи проблеми во сообраќајот и голем притисок врз туристичките места. Граѓаните и туристите се обидуваат да најдат освежување во сенка или покрај градските фонтани.

Високи температури беа забележани и во Полска, каде што жителите на Варшава побараа засолниште од топлината по бреговите на реката Висла.

Експертите предупредуваат дека топлотните бранови во Европа стануваат сè почести и поинтензивни поради климатските промени и дека имаат значително влијание врз здравјето на луѓето, како и врз економијата, особено преку намалена продуктивност и зголемена потрошувачка на енергија во текот на летните месеци.

ИЗДВОЕНИ