Инвазивната сребренолика риба „надувачка“ (Lagocephalus sceleratus), позната и како риба „зајак“, станува сè почеста во грчките води, што го поттикна Црвениот крст на земјата да издаде упатства за прва помош при повреди што може да ги предизвика. Паралелно, рибарите низ Грција започнаа национална кампања и прво натпреварување во лов на рибата „зајак“ во обид да го намалат нејзиниот број и да го ублажат влијанието што го има врз морскиот екосистем, рибарството и туризмот.
„Рибата зајак“ се смета за еден од најопасните инвазивни видови во источниот Медитеран и се размножува многу брзо, положувајќи до милион јајца годишно, речиси без природни непријатели во локалниот екосистем. Првпат е забележана во Грција во 2005 година кај Крит и Додеканезите, а оттогаш се проширила во речиси сите грчки води.
Тие се најголемиот кошмар за рибарите – според Хеленскиот центар за морски истражувања, просечната годишна штета што ја претрпуваат грчките рибари поради овој вид надминува 6.000 евра по рибар. Иако нападите врз луѓе не се вообичаени, каснувањето од „рибата зајак“ може да предизвика болни повреди.
„Рибата зајак привлече големо внимание од јавноста во последните години поради нејзиното ширење низ Средоземното и Јадранското Море. Иако генерално не е агресивна кон луѓето, има силни вилици кои можат да предизвикаат болно каснување, а некои видови имаат отровно каснување кое може да предизвика силна болка, оток и други здравствени проблеми“, се вели во видео објавено на Инстаграм страницата „Летување Халкидики“.
View this post on Instagram
Се додава дека „експертите им советуваат на пливачите, нуркачите и рибарите да не ја допираат оваа риба со голи раце и да бидат особено внимателни ако ја забележат во плитка вода или ја фатат“, а доколку биде каснат веднаш да се консултираат со лекар.
Медиумите објавија дека овој вид е регистриран во Грција во последните месеци:
во јужниот Евиски Залив, во близина на Еретрија и Лефканд и други области на западниот брег на Евија, по должината на брегот на Атика, вклучувајќи ги областите Палаја Фокаја, Саронида и Варкиза
Што да се прави во случај на каснување:
Грчкиот Црвен крст предупреди дека, иако каснувањето на оваа риба не е отровно, нејзините моќни вилици слични на клун можат да предизвикаат сериозни повреди и обилно крварење, пишува грчкиот портал „Катимерини“. Како што наведува, во случај на каснување: раната треба веднаш темелно да се измие со чиста проточна вода и сапун, потоа да се притисне со чиста крпа или газа за да се запре крварењето, да се држи повредениот дел од телото подигнат ако крварењето е обилно.
Секогаш е потребно да се побара медицинска помош, бидејќи може да биде потребен професионален третман на раната, вакцина против тетанус или конци за подлабоки повреди. Во оддалечените области или во случај на обилно крварење, властите советуваат да се јават службите за итни случаи на 166 или 112 и да се пружи прва помош додека не пристигнат лекарите.
Не јадете ја оваа риба – смртоносна е
Научниците предупредуваат дека „рибата зајак“ содржи тетродотоксин, исклучително моќен невротоксин кој може да предизвика парализа, респираторен застој и смрт ако се консумира.
Бидејќи отровот може да се најде низ целото тело, експертите нагласуваат дека ниту еден дел од рибата не е безбеден за јадење, пишува „Катимерини“.
Лов на „рибата зајак“
Со цел да се намали нејзиниот број, грчките рибари се впуштаат во голем лов што ќе трае до 30 јуни, организиран од аматерскиот рибар и готвач од Родос, Михалис Карподинис. Учесниците од цела Грција ќе објават фотографии од нивниот улов на посебна веб-страница, а на најуспешните ќе им биде доделена опрема за риболов и други награди.
Иницијативата ја следат и локалните власти во областите особено погодени од ширењето на овој вид, вклучувајќи го и островот Кастелоризо, каде што се разгледува слична кампања.
Грчката влада ја разгледува и можноста за субвенционирање на уловот на „рибата зајак“, по примерот на некои други медитерански земји, пренесува Блиц.












