вторник, јули 14, 2026
Дома СВЕТ Евроазиската економска унија (ЕАЕУ) размислува за суспендирање на Ерменија поради амбициите кон...

Евроазиската економска унија (ЕАЕУ) размислува за суспендирање на Ерменија поради амбициите кон ЕУ

33

Евразиската економска унија (ЕАЕУ) предводена од Русија, составена од поранешни советски републики, денес изјави дека ќе размисли за суспендирање на Ерменија поради нејзините аспирации кон ЕУ и го повика Ереван да одржи референдум за да може нејзиниот народ да гласа за тоа кој пат сака да го избере.

Русија, преокупирана со војната во Украина, се обидува да ја задржи Ерменија во својата орбита, но ерменскиот премиер Никол Пашинјан, кој се соочува со парламентарни избори на 7 јуни, се обидува да трасира пат кон Западот и јавно ја критикува Москва, објави „Ројтерс“.

По состанокот во Астана, ЕАЕУ (Русија, Белорусија, Казахстан, Ерменија и Киргистан) објави дека ќе разгледа суспендирање на Ерменија поради загриженост дека нејзината кандидатура за членство во ЕУ ќе ја загрози економската безбедност на алијансата.

Лидерите на Русија, Казахстан, Белорусија и Киргистан во соопштение изјавија дека западната интеграција на Ерменија претставува „значаен ризик за економската безбедност на ЕЕАУ“ поради нејзината кандидатура за членство во ЕУ и дека на состанокот на групата во декември ќе се разгледа дали треба да остане членка.

Соопштението беше издадено по самитот на ЕАЕУ во Астана, на кој ерменскиот премиер Пашинјан не присуствуваше, поради, како што рече, активна кампања за парламентарните избори следната недела.

Останатите четири земји во алијансата, исто така, го повикаа Ереван да одржи референдум за своите аспирации за членство во ЕУ и да вклучи опција за останување во групата предводена од Москва, формирана во 2025 година.

Русија, убедливо најголемата економија на алијансата, во последните недели го зголемува притисокот врз Ерменија, воведувајќи привремени ограничувања за увоз на земјоделски производи и заканувајќи се дека ќе ги прекине испораките на евтина руска нафта и гас за Ерменија, од кои во голема мера зависи.

На парламентарните избори во јуни, премиерот Пашинјан, кој бара поблиски врски со ЕУ и САД, ќе се соочи со голем број претежно проруски опозициски партии. Партијата „Граѓански пакт“ на премиерот води со поддршка од околу 30 проценти, според најновите анкети.

Суспензијата од економската алијанса би претставувала моментален шок за економијата на Ерменија, земја со околу три милиони жители, пренесе „Бета“.

ИЗДВОЕНИ