недела, септември 27, 2026
Дома СВЕТ Москва се обидува пред зимата да ја остави Украина не само без...

Москва се обидува пред зимата да ја остави Украина не само без струја, туку и без интернет

50
epa13198273 Smoke rises at the site of a Russian strike on a goods storage near Kyiv, Ukraine, 29 August 2026, amid the Russian invasion. At least 27 people died, and 42 others were injured, including 4 children, as a result of the overnight Russian shelling in Kyiv and the area, according to the head of the regional military administration, Tymur Tkachenko. EPA/SERGEY DOLZHENKO

Пред почетокот на уште една воена зима, Русија ги интензивираше нападите врз инфраструктурата од која зависи секојдневниот живот во Украина. Меѓутоа, на мета повеќе не се само електраните и електроенергетската мрежа. Серијата удари врз дата-центрите и интернет-провајдерите во Киев предизвика стравувања дека Москва се обидува да ја ослаби и дигиталната основа на земјата и со тоа да го загрози функционирањето на банките, платните системи, државните служби и комуникациите.

Околу 100.000 домаќинства во Киев и околината привремено останаа без пристап до интернет по нападите изведени во средата и четвртокот, соопшти украинското Министерство за дигитална трансформација. Во петокот следуваше нов напад со дрон во центарот на украинската престолнина, кога беа погодени канцелариите на компанијата „Датагруп“ еден од најголемите телекомуникациски оператори во земјата. Во тој напад загинаа четири лица, пишува „Гардијан“

Украинските официјални лица сметаат дека изборот на метите не е случаен.

Министерот за надворешни работи Андриј Сибиха наведе дека Русија гаѓа големи украински дата-центри со цел да го наруши протокот на информации.

Напади врз објекти на дигиталната инфраструктура беа бележени и претходно за време на војната, но, според „Гардијан“, сега за првпат станува збор за удари од вакви размери.

Дополнителна загриженост предизвика и инцидентот во соседна Полска. Тамошните власти соопштија дека во централниот дел на земјата била запалена сателитска станица на „Старлинк“ која служела за врски со Украина. Локалните власти тој настан го опишаа како чин на саботажа кој го поврзуваат со Москва.

Сето ова доаѓа во момент кога Украина се подготвува за зимата и можноста за нови долготрајни прекини во снабдувањето со електрична енергија.

Во текот на речиси петте години војна, одржувањето на мобилните и интернет-врските стана еден од приоритетите на украинските власти. Телекомуникациските компании се обидуваат да обезбедат резервни извори на напојување за базните станици и другата клучна опрема да можат да функционираат дури и кога ќе снема струја.

Во корист на Украина оди и фактот што нејзината интернет-инфраструктура е релативно децентрализирана. Поради тоа, еден напад тешко може да предизвика долготраен прекин на врските во целиот град или регион.

Сепак, проблемот би можел да настане доколку нападите станат зачестени и истовремено бидат гаѓани енергетските системи, дата-центрите и телекомуникациските оператори.

Во тој случај, последиците нема да бидат ограничени само на тоа граѓаните да останат без интернет. Дигиталните мрежи се неопходни за функционирањето на банките и електронското плаќање, државните служби, компаниите, здравствените установи, како и за комуникацијата на населението.

Украинскиот блогер и поранешен советник на владата, Серхиј Стерненко, затоа ги повика жителите на Киев веќе сега да се подготвуваат за зимата и да размислат за набавка на „Старлинк“ терминали или други алтернативни начини за комуникација.

Според неговата проценка, целта на руските удари не е само енергетската инфраструктура на главниот град, туку и уништувањето на дата-центрите и капацитетите на интернет-операторите.

Нападите врз телекомуникациите се дел од поширок бран удари врз украинската економска инфраструктура. Руските сили последните денови користат ракети и нови брзи дронови против складишта, бензински пумпи, пристаништа, индустриски погони и други комерцијални објекти.

Меѓу метите во петокот беше и складиште што го користи синџирот ресторани „Мекдоналдс“ во околината на Киев.

Посебно тешко е погодена индустријата. Руските удари го нарушија работењето на фабриките и производството на челик, а според наводите на еден висок претставник на индустријата кои ги пренесува „Гардијан“, Украина овој месец за првпат во цел еден век не произвела ниту една тона челик.

Киев истовремено има сè поголем проблем со одбраната од новите руски беспилотни летала. Меѓу нив е и „Геран-5“, брз дрон на млазен погон, додека украинските залихи на ракети за противвоздушните системи „Патриот“ (Patriot) се намалуваат.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во петокот изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп ѝ одобрил на Украина лиценци за производство на ракети за системите „Патриот“. Со тоа Киев долгорочно би можел да добие можност дел од клучното вооружување за противвоздушна одбрана да го произведува сам.

Сепак, експертите предупредуваат дека воспоставувањето на таквото производство може да трае со години.

Во меѓувреме, приближувањето на зимата дополнително го зголемува влогот. Русија претходните години систематски ја гаѓаше украинската енергетска инфраструктура во обид да предизвика прекини во снабдувањето со електрична енергија во текот на најстудените месеци. Сега украинските официјални лица се плашат дека кругот на потенцијални мети се шири – од струјата и греењето, кон интернетот, комуникациите и системите без кои современата економија практично не може да функционира.

ИЗДВОЕНИ