Според информациите од СЦ „Борис Трајковски“, реконструкцијата ќе го опфати објектот целосно, со што, како што нагласуваат, базенот по цели 50 години ќе доживее обновување и нов лик, односно можност непречено да функционира во наредните 3-4 децении. Досега, објектот беше парцијално саниран

Летово, базенот во рамките на спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Карпош ќе биде отворен за капачите, а најавената реконструкција ќе почне по сезоната, велат одговорните за весникот ВЕЧЕР. Оттаму појаснуваат дека базенот ќе работи сè додека проектот за неговата реконструкција не биде целосно изработен. Притоа, додаваат дека точниот датум сѐ уште не е дефиниран.

Според информациите од Спортскиот центар, реконструкцијата се однесува на целиот објект целосно, со што, како што нагласуваат, по цели 50 години, базенот ќе доживее обновување и нов лик, односно можност непречено да функционира во наредните 3-4 децении. Притоа, конкретно не наведуваат што точно ќе опфати реновирањето, а финансиската конструкција велат дека ќе се дефинира заедно со проектот.

Така, во овој период додека се прави проектната документација, базенот ќе биде отворен. Според одговорните, во време на реконструкцијата кога базенот ќе биде затворен, пливачите клубови ќе бидат пренасочени во новите училишни базени во Карпош и Кисела Вода.

– За сите дополнителни информации благовремено ќе ги известиме медиумите – одговорија од СЦ „Борис Трајковски“.

Лани се случи мал инцидент кога падна летва од таванот, а според одговорните, тоа се случило бидејќи реновирањето на покривот од 2010 година не било направено според стандардите и уште тогаш најавија целосна санација на објектот.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ