Со измените на Законот за возила, повторно се отвора прашањето за еколошкото рангирање на автомобилите според евростандардите и емисиите на издувни гасови. Возилата ќе бидат поделени во зелена, жолта и црвена категорија, но нивната еколошка припадност нема да биде видлива преку налепниците, туку ќе се проверува електронски. Предложените решенија предвидуваат и проширен регистар на возила, нови обврски за сопствениците, електронска контрола и казни до 10.000 евра за техничките станици

Нови правила за регистрација, техничка исправност и еколошка категоризација на возилата, електронска евиденција на податоците и построг надзор над станиците за технички преглед предвидуваат предложените измени на Законот за возила, кои се наоѓаат во собраниска процедура. Со новото законско решение се планира воспоставување електронски систем преку кој надлежните институции ќе може да проверуваат дали има едно возило важечка регистрација, задолжително осигурување и потврда за техничка исправност. Истовремено, се прошируваат податоците што ќе се чуваат во регистарот на возила, а се воведуваат и нови обврски за сопствениците и за правните лица што вршат технички прегледи.
Еколошка категоризација на возилата
Една од позначајните новини е повторното воведување еколошка категоризација на автомобилите во три групи: зелена, жолта и црвена. Распределбата ќе зависи од евростандардот на возилото и од измерените емисии на издувни гасови. Во зелената категорија ќе бидат опфатени возилата со евро 5 и повисок стандард, електричните и хибридните автомобили, како и одредени возила со евро 3 и евро 4, кои имаат вграден систем за погон на плин или дополнителна опрема за намалување на емисиите. Жолтата категорија ќе ги опфаќа возилата со евро 3 и евро 4, додека во црвената ќе бидат автомобилите со евро 2 и пониски стандарди, како и оние за кои нема утврдени податоци за емисиите.
Иако еколошката поделба ќе остане, налепниците што ќе ги добиваат возилата ќе бидат унифицирани, односно нема визуелно да се разликуваат според еколошката категорија. Податокот за тоа во која група припаѓа автомобилот ќе биде внесен во електронскиот регистар и ќе може да се проверува преку системот. Категоризацијата ќе ја вршат овластени технички служби врз основа на соодветна документација и мерења, а трошоците ќе ги покриваат сопствениците на возилата. Висината на надоместокот дополнително ќе ја утврди министерот за енергетика. Предвидени се и одредени исклучоци од обврската за службени возила и за возила на определени категории лица со попреченост и со сериозна здравствена состојба.
Повторното отворање на прашањето за еколошките налепници доаѓа по неуспешниот обид од 2019 година, кога веќе беше внесена категоризацијата во Законот за возила. Идејата беше промовирана во ноември 2018 година, а измените беа објавени во „Службен весник“ на 5 август 2019 година. Тогаш беше најавено дека системот ќе почне да функционира од јануари 2021 година, со можност локалните власти да го ограничуваат движењето на возилата што најмногу загадуваат во одредени градски зони, особено во деновите со големо загадување.
Сепак, првичниот модел никогаш не беше целосно спроведен. Главна пречка беше недонесувањето на потребниот правилник со кој требаше да се утврдат постапката за категоризација, начинот на мерење на емисиите, условите за издавање налепници и овластувањата на техничките служби. Дополнителен проблем беше неусогласеноста меѓу институциите. Општините требаше да ги определат зоните со ограничено движење и да постават соодветна сообраќајна сигнализација, додека МВР требаше да ја контролира примената на забраните. Во април 2023 година, Министерството за економија информираше дека правилникот сè уште бил во процедура откако претходно бил доставуван на мислење и доработуван.
Возила под надзор
Со новите измени се предвидува и значително проширување на регистарот на возила. Покрај податоците за регистрацијата, регистарските таблички и сопственоста, во него ќе се внесуваат резултатите од техничките прегледи, измерените емисии на издувни гасови, поминатата километража, податоците за осигурувањето, промените на сопственоста, увозот, извозот и уништувањето на возилата. Ќе се евидентираат и податоците за техничките потврди, сертификатите и стручните испити.
Обврска за редовно, односно секојдневно електронско внесување на податоците ќе имаат МВР, Царинската управа, Националното биро за осигурување, овластените технички служби и правните лица што вршат технички прегледи. Нотарите, пак, ќе треба да ја евидентираат промената на сопственоста истиот ден кога ќе го заверат договорот. Пристап до регистарот ќе имаат повеќе државни институции, локалните самоуправи, нотарите, извршителите и овластените технички служби, во рамките на нивните законски надлежности. Податоците за одјавените возила ќе се чуваат 20 години.
Нови обврски ќе имаат и сопствениците на автомобили. При промена на телефонскиот број или електронската адреса, тие ќе мораат во рок од три дена да ги пријават новите контакт-податоци во овластено правно лице за технички преглед. За непочитување на оваа обврска е предвидена глоба од 100 евра. Целта е институциите да располагаат со ажурирани информации за полесно доставување на известувањата за сообраќајни прекршоци и други постапки поврзани со возилата.
Предвидени се и казни за злоупотреба на унифицираните налепници. За нивно отстранување, оштетување, преправање, уништување, пренесување или користење на друго возило е предвидена глоба од 500 евра. За невнесување или ненавремено внесување податоци во регистарот се предвидуваат дополнителни санкции, меѓу кои 50 евра за овластените службени лица, 500 евра за одговорното лице во техничка служба и до 5.000 евра за одредени правни лица.
Значително се заоструваат и условите за работа на станиците за технички преглед. Тие ќе мора да располагаат со соодветни простории, опрема и со стручен кадар, а со контролите ќе се проверува дали правилно се мерат издувните гасови, дали работат сопирачките и системот за управување и дали се почитуваат пропишаните процедури. Инспекторите ќе проверуваат дали точно и редовно се внесуваат електронските податоци во системот. Доколку се утврдат неправилности, на правното лице може да му биде изречена забрана за вршење технички прегледи во рок од 30 дена, во кој рок ќе треба да ги отстрани недостатоците. Доколку не го направи тоа, може да му биде одземено овластувањето за работа. Казните за правните лица, зависно од нивната големина и прекршокот, може да достигнат и до 10.000 евра.
Исто така, ќе се снимаат и контролираат испитите за вработените во техничките служби, а полагањето на одредени испити ќе се емитува во живо, на веб-страницата на Министерството за енергетика.
Со предложените законски измени се отвора можност да можат да се регистрираат трактори, приклучни возила и други видови возила преку редовни постапки и под услови утврдени со закон. Станува збор за утврдување на статусот на возилата што досега не биле опфатени со постојните постапки.
Дали и во каква форма ќе почнат да се применуваат новите правила, ќе зависи од нивното усвојување во Собранието и од донесувањето на потребните подзаконски акти.
(С. Бл.)












