Обилните врнежи од дожд и отежнатите временски услови предизвикаа лизгање на земјиштето, што дополнително ја отежнува интервенцијата за отстранување на проблемот со водоснабдувањето во Штип и претставува ризик за безбедноста на вработените.
Од ЈП „Исар“ велат дека и покрај сложената состојба, нивните екипи остануваат на терен и продолжуваат со интензивни активности за што поскоро отстранување на проблемот и воспоставување нормално водоснабдување.
Од претпријатието информираат дека се вложуваат максимални напори за што побрзо надминување на состојбата и нормализирање на водоснабдувањето. Притоа, појаснуваат дека нарушувањето во водоснабдувањето не ја опфаќа целата територија на Штип, туку само одредени населби и населени места.
Од ЈП „Исар“ апелираат до граѓаните за разбирање и за трпение додека траат активностите за целосно надминување на проблемот.
Инаку, ЈП „Исар“ се поднови со три специјализирани возила од Министерството за транспорт и Владата.
Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов вели дека станува збор за една цистерна за одржување на јавно-прометните површини и две метларки, наменети за подобрување на јавната хигиена.
Со оваа набавка, возниот парк на претпријатието во изминатите 26 месеци е збогатен со вкупно 11 специјализирани возила.
Јорданов најави дека во 2027 година Општината планира набавка на уште две возила, специјализирано возило за собирање смет и ровокопач, со што дополнително ќе се подобри работата на претпријатието.
– Морам да истакнам дека овие специјализирани возила ќе помогнат во функционалноста на јавното претпријатие во спроведување на своите основни дејности. Верувам дека со овој број нови специјализирани возила и она што успеавме да го набавиме во изминатите години, комплетно го сменивме возниот парк на јавното претпријатие, со што значително се подобрува функционалноста и се олеснува во делот на јавната хигиена и сите дејности кои ги извршува јавното претпријатие – изјави Јорданов.
Директорот на ЈП „Исар“, Александар Арсовски, најави дека едната од новите метларки ќе биде наменета исклучиво за одржување на пешачките патеки во новиот парк „Иднина“, кој наскоро треба да биде пуштен во употреба.












