Европската комисија подготвува нов, широк пакет мерки за справување со енергетската криза предизвикана од конфликтите на Блискиот Исток, кој треба да биде претставен оваа недела во Брисел. Целта на мерките е намалување на потрошувачката на енергија и зависноста од увезени горива, како најбрз и најевтин начин за стабилизирање на енергетскиот пазар.

Во документот се наведува дека „Европа не може да си дозволи да остане изложена на сè почести енергетски шокови“, па затоа се предлагаат низа краткорочни и долгорочни решенија за заштеда на енергија.

Меѓу клучните предлози се „подигање на свеста и едукацијата за еколошко возење“, со цел граѓаните да ги променат навиките и да трошат помалку гориво. Покрај тоа, се предлагаат денови без автомобили во градовите, проширување на велосипедските патеки, како и стимулирање на користење товарни велосипеди за испораки.

Брисел разгледува и ограничувања за деловниот воздушен сообраќај, како и препораки за воведување најмалку еден ден работа од дома неделно. Дел од мерките предвидуваат и намалување или бесплатен јавен превоз за одредени категории граѓани, со цел да се обесхрабри користењето приватни автомобили.

Во пакетот се вклучени и мерки за заштеда на енергија во секојдневниот живот – од побавно пловење на товарните бродови, до намалување на греењето и прилагодување на климатизацијата во јавни и деловни објекти.

Комисијата предлага и финансиска поддршка за граѓаните преку енергетски ваучери, намалување на даноците за електрична енергија и чисти технологии, како и привремени мерки за заштита на најранливите категории.

Дополнително, документот предвидува структурни реформи како подобра координација на складирањето гас во ЕУ, користење на нафтени резерви и забрзано воведување на обновливи извори на енергија, вклучувајќи геотермална енергија и водород.

Според податоците на Европската комисија, ЕУ потрошила повеќе од 330 милијарди евра за увоз на енергија во 2025 година, што дополнително ја нагласува потребата од намалување на зависноста од надворешни извори.

Европскиот комесар за енергија веќе ги повика граѓаните да ги намалат патувањата и да работат од дома, предупредувајќи дека ситуацијата останува „многу сериозна без јасен крај на повидок“.

ИЗДВОЕНИ