Општина Карпош ќе додели еднократна парична помош во висина од 5.000 денари, по повод 3-ти декември – Денот на лицата со попреченост. За таа цел е објавен и јавниот повик.
Од Општината велат дека оваа иницијатива произлегува согласно програмските активности на Општина Карпош од областа на детската, социјалната и здравствената заштита за 2026 година. Повикот е временски ограничен и ќе трае се до петок (20.11.2026) година.
-Право на остварување на еднократна парична помош имаат лица со попреченост коишто се жители на општина Карпош.За остварување на правото на паричен надомест потребно е да се достави соодветна документација како доказ за наведеното барање: лична карта, трансакциска сметка на име на подносителот на барањето, наод и мислење за вид и степен на попреченост во физичкиот или психичкиот развој и специфичните потреби или конзилијарно мислење/наод за остварување на право на додаток за попреченост во прв степен или друг документ со кој се потврдува видот и степенот на попреченост – објаснуваат од локалната самоуправа.
Комплетната документација се поднесува во архивата на Општина Карпош.
Остварување на правото на паричен надомест ќе се врши по редослед на поднесување, односно до исцрпување на предвидените средства.












