Проектот „Комшилук“, кој почна да се развива пред две години, во црвените згради во скопската населба Железара, доби признание од Општина Гази Баба. Станува збор за афирмација на Општината во областа на културата и на уметноста, а по повод одбележувањето 50 години од постоењето на Гази Баба.
„Комшилук“ се заснова на меѓучовечките односи. Тоа се односите меѓу луѓето што живеат еден до друг. Тоа е да знаеш кој се наоѓа зад соседната врата. Да позајмиш нешто. Да споделиш вести. Да помогнеш. Да се грижите еден за друг. Понекогаш да се расправаш. Понекогаш воопшто да не зборуваш. „Комшилук“ ја зема оваа секојдневна општествена вредност и ја претвора во културен модел. Тоа е модел за создавање култура заедно со луѓето што живеат на одредено место. Наместо да ја носат публиката во традиционален културен простор, тие поаѓаат од самото соседство. Домовите, балконите, дворовите, скалите, улиците и локалните места за собирање стануваат дел од уметнички процес. Комшиите не се поканети само да присуствуваат. Тие може да бидат домаќини, да предлагаат идеи, да споделуваат приказни, да ги отворат своите домови, да готват, да настапуваат, да помогнат во обликувањето на програмата или едноставно да нè запознаат со местото. Уметниците влегуваат во оваа постојна мрежа од луѓе, архитектура, сеќавања и секојдневен живот. Завршното дело произлегува токму од овие односи. Резултатот е различен во секое место, бидејќи секое соседство веќе има свои луѓе, свои ритам и карактер.
Од „Комшилук“ велат дека го прават ова бидејќи веруваат дека е важен односот со личноста што ни е најблиска.
– Ако можеме да станеме пољубопитни, поотворени и поодговорни кон луѓето околу нас, можеме, исто така, да станеме поповрзани со пошироката заедница чиј дел сме – сметат од „Комшилук“.
По повод признанието велат: „Пред две години, во црвените згради во Железара, го почнавме ‘Комшилук’. И денес токму тука работиме и растеме. Затоа признанието што го добивме на свечената академија по повод 50 години Општина Гази Баба ни е особено драго. Убаво е кога и дома се препознава она што го градиме“.











