Кремљ денеска соопшти дека мировните преговори за Украина, кои се одржуваат оваа недела во Абу Даби, ќе се водат меѓу претставници на Русија, Украина и Соединетите Држави, без учество на европски претставници.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, со ова го демантираше францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро, кој вчера изјави дека француски претставници ќе учествуваат во преговорите на 10 и 11 ноември.
Целта на разговорите е повторно да се активираат дипломатските напори за ставање крај на војната во Украина, која започна со руската инвазија во 2022 година. Се очекува на средбата да се разговара за можните начини за завршување на војната, безбедносните гаранции за периодот по конфликтот, како и за деескалација на судирот.
„Она што ќе се одвива во Абу Даби во текот на наредните денови се трилатерални преговори меѓу Русија и Украина, со посредство на Соединетите Држави“, изјави Песков пред новинарите.
Тој додаде дека и Украина и САД одржуваат свои канали за комуникација со европските партнери.
„Што се однесува до присуството на Европејците, Американците имаат свои канали за комуникација со нив, а и Украинците имаат свои канали“, рече Песков за време на редовниот брифинг со новинарите.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска објави дека, во пресрет на разговорите во Абу Даби, разговарал со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и дека ги усогласиле своите ставови. „Со Урсула ги усогласивме ставовите и во однос на средбата во Абу Даби. Правиме сè што е можно за да обезбедиме трилатералниот формат да даде резултати“, напиша Зеленски на социјалната мрежа X.












