Во текстот насловен „Викенд во Скопје: Што сè да видите и да вкусите во македонската престолнина“, хрватскиот портал го издвојува Скопје како привлечна дестинација за кратко патување, викенд-бегство, но и за подолг престој, посочувајќи низа знаменитости, природни убавини и гастрономски специјалитети што вреди да се доживеат. Меѓу задолжителните локации што ги препорачува се Камениот мост, плоштадот „Македонија“, споменикот „Воин на коњ“, Старата скопска чаршија, тврдината Кале и кањонот Матка

 

Ретко кој град во регионот може да предизвика толку различни емоции уште при првата средба како Скопје. Македонската престолнина, со својата богата историја, архитектонска разновидност, автентична атмосфера и гостопримливи жители, е град кој, како што пишува хрватскиот „Тпортал“, освојува со своите контрасти и со посебниот шарм.

Во текстот насловен „Викенд во Скопје: Што сè да видите и да вкусите во македонската престолнина“, хрватскиот портал го издвојува Скопје како привлечна дестинација за кратко патување, викенд-бегство, но и подолг престој, посочувајќи низа знаменитости, природни убавини и гастрономски специјалитети што вреди да се доживеат.

Меѓу задолжителните локации што ги препорачува се Камениот мост, плоштадот „Македонија“, споменикот „Воин на коњ“, Старата скопска чаршија, тврдината Кале и кањонот Матка.

Главното место за средба според  хрватскиот портал и препознатлив симбол на градот е монументалниот Камен мост од 15 век, изграден на реката Вардар.

– Тој поврзува не само два брега туку два сосема различни света, водејќи ве директно во модерниот центар на градот со пространиот плоштад „Македонија“. Таму доминира грандиозната статуа „Воинот на коњ“, опкружена со луксузни фонтани, заедно со неверојатна концентрација на понови бронзени скулптури и тематски премини како што е Мостот на уметностите. Посебно искуство е да се шета по бреговите на реката Вардар во самрак, кога неокласичните фасади на Археолошкиот музеј блескаат, а плоштадот оживува со шетачи, семејства и улични музичари – пишува порталот.

Посебно внимание во текстот ѝ е посветено на Старата скопска чаршија, која е претставена како една од најголемите и најдобро зачуваните отомански трговски четврти на Балканот.

– Нејзините тесни, калдрмисани улички кријат автентични златарници, стари занаетчиски работилници, мирисливи чајџилници и историски амами претворени во галерии – пишува „Тпортал“.

Посетата на чаршијата, според авторот, е незамислива без турско кафе варено на песок и свежа баклава, по што следува прошетка до тврдината Кале, од каде што се подава панорамски поглед кон стариот и новиот дел на градот, со Водно во заднината.

Дебар Маало – боемското срце на Скопје

Како едно од местата каде што најдобро може да се почувствува духот на градот, порталот го издвојува Дебар Маало, опишувајќи го како гастрономско и боемско срце на престолнината.

Традиционалните кафеани, живата староградска музика и опуштената атмосфера се дел од доживувањето што им се препорачуваат на посетителите.

На трпезата, пак, задолжителни се домашниот ајвар, пинџурот, гравче-тавчето, шопската салата и скопските ќебапи, надополнети со домашна лозова ракија или чаша локално вино.

Матка – природна убавина на само половина час од центарот

За оние што сакаат да избегаат од градската врева, „Тпортал“ ја препорачува Матка, едно од највпечатливите природни богатства во Македонија.

Кањонот, со смарагдните води на реката Треска и со високите варовнички карпи, нуди можности за кајакарење, пловидба со чамец и посета на пештерата Врело. Посебен впечаток оставаат и средновековните манастири сместени во околниот предел, кои дополнително ја збогатуваат природната и културната слика на оваа дестинација.

Спомен-куќата на Мајка Тереза и панорамата од Водно

Меѓу знаменитостите што не треба да се пропуштат е и Спомен-куќата на Мајка Тереза, родена во Скопје, во 1910 година. Сместена во пешачката зона на улицата „Македонија“, таа претставува мултимедијален меморијален простор во кој се изложени фотографии, документи и лични предмети поврзани со нејзиниот живот.

За крај на денот, хрватскиот портал препорачува посета на Водно и искачување со жичарница до Милениумскиот крст, од каде што се отвора импресивна панорама на Скопската котлина, особено во вечерните часови.

Текстот „Викенд во Скопје: Што сè да видите и да вкусите во македонската престолнина“ беше споделен и на официјалната фејсбук-страница на „Тпортал“, со порака дека Скопје може пријатно да ги изненади сите кои бараат интересна дестинација за кратко патување, без да мора да одат далеку.

Објавата предизвика позитивни реакции, а читателите во коментарите споделија и свои предлози за места што вреди да се посетат. Меѓу нив се комплексот „Македонско село“, Градскиот парк, паркот во Сарај и Музејот на Македонија.

Препораката на хрватскиот медиум е уште едно потсетување дека Скопје има што да им понуди на туристите – од културно-историски знаменитости и природни убавини до автентична гастрономија и атмосфера што се памети.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ