понеделник, ноември 9, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Нè чекаат високи сметки за струја – не може Европа да се...

Нè чекаат високи сметки за струја – не може Европа да се мрзне, а ние да се потиме

Додека надлежните уверуваат дека нема да има поскапување за домаќинствата, енергетските експерти предупредуваат дека Македонија нема да остане имуна на европските ценовни шокови. Увозот на струја, нестабилните берзански цени и барањата за повисоки енергетски тарифи отвораат неизвесност пред претстојната зима

0

Додека европските земји се соочуваат со драматичен скок на цените на електричната енергија, кои на одредени берзи надминуваат и 600 евра за мегават-час, и со предупредувања за можен недостиг на струја во претстојната зима, кај нас надлежните институции уверуваат дека не се очекува зголемување на цената за домаќинствата. Но, енергетските експерти предупредуваат дека Македонија нема да остане имуна на европските ценовни шокови, особено поради поврзаноста со европскиот електроенергетски пазар и недоволното домашно производство. Во периодите кога домашните капацитети не можат да ги задоволат потребите, недостигот ќе мора да се надоместува со увоз, по цени што ги диктираат берзите.

– Бидејќи Македонија нема доволно домашно производство на електрична енергија за целосно да ги задоволи потребите, цената на струјата во голема мера ќе зависи од движењата на европските и на светските енергетски берзи. Доколку на домашниот пазар, преку МЕМО, има компании што нудат електрична енергија по пониски цени, таа ќе може да се набави по поповолни услови. Но, доколку нема доволно понуда или цените на домашниот пазар се повисоки, тогаш ќе мора да се свртиме кон увоз и набавка на електрична енергија од европските берзи, како што е унгарскиот HUPX, или од други регионални пазари. Електричната енергија е пазарна стока и нејзината цена не може однапред прецизно да се утврди, бидејќи зависи од понудата, побарувачката и од расположливите количини. Затоа, доколку европските берзи бележат високи цени, а ние имаме потреба од дополнителни количини, тие движења неминовно ќе се одразат и врз домашниот пазар – изјави за весникот ВЕЧЕР енергетскиот експерт Константин Димитров.

Слично предупредување упатува и енергетскиот експерт Митко Андреевски, кој оценува дека поврзаноста на домашниот со европскиот електроенергетски пазар значи дека Македонија не може да ги избегне ценовните шокови. Според него, високите берзански цени веќе се чувствуваат и на домашниот пазар, особено кај компаниите и кај институциите што ја набавуваат електричната енергија на слободниот пазар.

– Цената на електричната енергија на домашната берза МЕМО постојано варира во текот на денот, а во моментов надминува 500 евра за мегават-час. За денес е најавена цена од околу 444 евра. Тоа покажува колку се нестабилни пазарните услови и колку брзо се менуваат цените. Кај домаќинствата, каде што Регулаторната комисија за енергетика ја утврдува цената, може да се преземат мерки за ублажување на ценовниот удар преку одредени социјални или други заштитни пакети. Но, поинаква е состојбата кај индустријата и кај јавните институции, како училиштата, градинките и болниците, кои се изложени на пазарните цени – објаснува Андреевски.

Тој посочува дека индустријата веќе ги чувствува последиците од поскапувањето, бидејќи голем дел од компаниите се снабдуваат на слободниот пазар. Според неговите податоци, од почетокот на годинава цената на електричната енергија за овие потрошувачи е зголемена за околу 175 проценти. Во одредени периоди растот бил и поголем, но по изборите во САД дошло до извесно смирување на цените на берзите.

– Недостигот на електрична енергија и високите цени што ги гледаме во Европа неминовно ќе се одразат и кај нас. Ние сме дел од поврзан пазар и не можеме да очекуваме дека ќе бидеме изолирани од тие движења. Ако цела Европа плаче, ние не можеме да се смееме – вели Андреевски.

Дека домашниот пазар веќе бележи значителни ценовни осцилации, покажуваат и податоците на Националниот оператор на пазарот на електрична енергија – МЕМО. Според месечниот извештај за октомври 2026 година, вкупната тргувана количина изнесувала 186.900 мегават-часови, а просечната цена достигнала 224,74 евра за мегават-час, односно 13.850,68 денари. Највисоката регистрирана цена изнесувала 470 евра, а најниската 0,1 евро за мегават-час.

Имало значителни разлики и во зависност од периодот на потрошувачката. Просечната цена во периодот од 9:00 до 20:00 часот изнесувала 210,9 евра за мегават-час, додека во часовите на помала потрошувачка достигнала 238,6 евра. Особено висока била во вечерните часови, од 21:00 до 24:00 часот, кога просекот изнесувал 267,1 евро за мегават-час.

Дополнителен притисок врз енергетските трошоци создаваат и барањата на компаниите за корекција на тарифите. МЕПСО бара зголемување на цената за пренос на електрична енергија за 97,68 проценти.

МЕПСО бара од 1 јануари 2027 година преносната тарифа да се зголеми од сегашните 0,3018 на 0,5966 денари за киловат-час. Доколку барањето биде целосно прифатено, сметките за струја би можеле да пораснат за околу четири до пет проценти само по овој основ. Тоа би значело дополнителни околу 139 денари месечно за домаќинство со потрошувачка од 400 киловат-часови.

За 2027 година, компанијата бара регулиран приход од 3,39 милијарди денари, наспроти 1,88 милијарди денари одобрени за годинава, што е зголемување од околу 80 проценти. Истовремено, планираниот обем на пренесена електрична енергија се намалува од 6,24 на 5,68 милијарди киловат-часови. Регулаторната комисија за енергетика треба да ги анализира трошоците и да одлучи колкав дел од барањата ќе одобри.

Дали и во колкава мера ќе се одразат овие ценовни притисоци врз сметките на граѓаните, ќе зависи од одлуките на РКЕ, но и од движењата на европските енергетски пазари во наредниот период.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ