Со минута молк, свеќи и тивко бдеење, граѓаните на Кочани и семејствата на жртвите ноќеска оддадоа почит на 63-те лица кои загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“, трагедија што се случи пред точно една година и ја зави Македонија во црно.
Точно во 02:32 часот – моментот кога пред една година избувна пожарот – присутните застанаа во тишина пред поранешната дискотека и со едноминутен молк им оддадоа почит на настраданите. Собирот го организираше здружението на граѓани „16 Март 2025“, кое повика на заедничко сеќавање на жртвите.
„Да застанеме заедно во тишина за нашите 63 ангели. Во 02:32 часот, моментот што засекогаш го промени Кочани, ќе оддадеме почит со минута молк. Нека светлината сведочи дека не забораваме. Нека тишината зборува за љубовта што останува“, порачаа од здружението.
Пред објектот беа поставени бели срциња со испишани имињата на загинатите, додека граѓаните оставаа свеќи и цвеќе во нивна чест. На собирот присуствуваа семејства на жртвите, пријатели и бројни граѓани кои со тишина и почит се потсетија на прерано згаснатите животи.
Фото: П. Стојановски

Една година по трагедијата, Кочани и натаму живее со сенката на пожарот во „Пулс“, кој засекогаш го подели времето на „пред“ и „после“. Во пожарот загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Пожарот се смета за една од најголемите трагедии во поновата историја на Македонија. Таа ноќ, за само неколку минути, веселбата се претвори во катастрофа, а веста за несреќата ја потресе целата земја.

Граѓаните на Кочани со свеќи, цвеќе и тишина порачаа дека споменот за 63-те млади животи што згаснаа во пожарот никогаш нема да биде заборавен












