четврток, јули 2, 2026
Дома МАГАЗИН Единствено страдам од неизлечива болест, а тоа е староста – водителската ѕвезда,...

Единствено страдам од неизлечива болест, а тоа е староста – водителската ѕвезда, Оливер Млакар, наполни 91 година

173

Најпопуларен водител во поранешна Југославија е, секако, Оливер Млакар, кој завчера го прослави 91. роденден. Роден е во градот Птуј, Словенија, а детството го минал во Осиек. Во 1954 година дошол во Загреб, каде што останал сè до пензионирањето. По отслужувањето на воениот рок во тогашната ЈНА, почнал да работи во Телевизија Загреб. Две години подоцна добил ангажман како водител во „Повикот за квиз“ со познатата Јасмина Никиќ, со која подоцна го водеше и популарниот музички „Сплитски фестивал“, а со колешката Хелга Влаховиќ – и омилената летна ТВ-забава „Јадрански сусрети“. Сепак, она по што публиката најмногу го памети е квизот „Квискотека“, кој го водеше полни девет години. Со светски познатиот готвач Стево Карапанџа ја водеше емисијата „Малите тајни на големите мајстори на кујната“, а едно време и вечерниот телевизиски Дневник. Го памтиме и како одличен водител на Песна на Евровизија во Загреб, во придружба на Хелга Влаховиќ.

Сето тоа е за голема почит. Огромен број луѓе од Вардар до Триглав го паметат и како нераскинлив член од славната водителска ТВ-четворка што ја сочинуваа тој, Миќа Орловиќ, Хелга Влаховиќ и Дуња Ланго. Зад себе има богата 60-годишна кариера и сè уште повремено работи на некои проекти. Како, на пример, пред неколку години, кога тука, во Скопје, на Матка го водеше познатиот меѓународен фестивала за храна „Food talk“. Млакар беше вистинска голема ѕвезда во Југославија.

Денес живее повлечено, на село во близина на градот Самобор, Хрватска, со сопругата Дуња, со која има две ќерки. Тој и Дуња се во брак повеќе од 60 години.Бракот и семејството ми се секогаш на прво место. Кариерата ми е на второ или трето место. Доколку функционира семејството, функционирам и јас. Никогаш не сум ја изневерил својата сопруга, тоа го кажувам со чист образ. Во бракот, како и на секое друго поле, треба да бидете чесен. Слепата вљубеност трае некое време, а потоа треба да останете верни. Секогаш се грижев за сопругата и за нашите две ќерки, Маша и Ива. Маша е доктор по археологија и живее во Велика Британија, а Ива е претприемачка, која остана да живее во Загреб.

Оливер Млакар и на овие години нема загубено ништо од својата физичка свежина, а остана препознатлив и по тоа што е шеговит човек.

Единствено страдам од една неизлечива болест, а тоа е староста. Тоа е она што нè чека сите. Од староста никој не избегал. За тоа нема лек, но јас ѝ се спротивставувам на староста. Духовно сум млад, мозокот одлично ми функционира, а нозете ме држат како да сум на некои 40 години, а имам, замислите, имам дури 91 година! Така што мене староста ми е убава, иако знам дека 80 отсто од луѓето во староста се депресивни, нервозни, разочарани и осамени. Јас не сум, јас уживам во својот старечки живот.

(Д. М.)

 

 

ИЗДВОЕНИ