четврток, август 13, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ОДБЕЛЕЖАНА 25-ГОДИШНИНАТА ОД ТЕМЕЛНИОТ ДОКУМЕНТ: Иднината што обединува треба да почива на...

ОДБЕЛЕЖАНА 25-ГОДИШНИНАТА ОД ТЕМЕЛНИОТ ДОКУМЕНТ: Иднината што обединува треба да почива на Охридскиот договор

Време е политиката сè помалку да се занимава со тоа што нè разделува, а многу повеќе со она што заеднички треба да го изградиме, порача премиерот Христијан Мицкоски

0

Со пораки дека Охридскиот рамковен договор ги поставил мирот, соживотот, дијалогот и еднаквоста во основата на градењето одржливо македонско општество, денеска во Македонија се одбележа две и полдецениската годишнина од потпишувањето на документот што му стави крај на воениот конфликт во 2001 година. Во пораките за значењето на овој документ се потенцира и потребата неговите основни начела и натаму да се унапредуваат, сè со цел македонското општество да биде постабилно, демократско и со функционални институции и рамноправни граѓани. Додека македонската Влада одржа посебна седница посветена на значењето на јубилејот, премиерот Христијан Мицкоски, кој е на кус одмор во Белгија, во објава на „Фејсбук“ нагласи дека наша обврска е да извлекуваме поуки од минатото и да градиме држава во која различностите нема да бидат причина за поделби. Според него, Охридскиот рамковен договор е дел од нашата понова историја и од политичката и институционалната реалност на државата. Тој додаде дека не можеме да го промениме минатото, но можеме да одлучиме каква иднина ќе изградиме.

– Таа иднина мора да биде ослободена од етнички тензии, политички манипулации и поделби, кои со години се користеа како замена за резултати. Наместо тоа, потребни ни се работа, развој, ред, меѓусебна почит и силни институции. Тоа е обврска кон генерациите што доаѓаат да им ја оставиме Македонија постабилна, поуспешна и поправедна од онаа што ја наследивме ние. Држава во која ќе се почитуваат различностите, но заедничката иднина ќе биде посилна од сè што нè дели – пишува премиерот.

На владината седница, вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николовски, рече дека четврт век е доволно долг период за да се извлечат одредени поуки.

– Македонија беше зафатена од една од најтешките кризи во поновата историја. Избра да тргне по пат на соработка, на дијалог, на меѓусебно почитување и меѓусебно разбирање. Ако гледаме поназад децении по потпишување на договорот, имаше и поединци, и цели политички структури, и цели политички партии кои, за среќа, не се дел од оваа Влада, кои го злоупотребуваа договорот за свои лични интереси. Се обидуваат да прават раздор, да поттикнуваат лажен национализам, етнички тензии и на тој начин да владеат со државата и мора да признаеме дека долго и успеваа да го прават тоа – рече вицепремиерот Николоски.

Вицепремиерот и министер за европски прашања, Беким Сали, рече дека со договорот Македонија избрала да гради стабилност.

– Не врз логиката на мнозинството и малцинството, туку врз партнерството меѓу заедниците, врз граѓанската еднаквост и врз споделувањето на правата и одговорностите за сите граѓани подеднакво. Охридскиот договор не треба да се гледа како затворен и завршен документ, туку како жив механизам на нашиот уставен поредок и како политичка насока за секоја институција на државата – рече тој.

Во својата порака, Африм Гаши, претседателот на македонското Собрание, наведе дека овој договор бил политички и институционален одговор на криза што барала одговорност, дијалог и визија за иднината.

– Нашата одговорност денес е да се надоврземе на неговите поуки и да ги преточиме во одржливи стандарди на демократијата и соживотот – наведе Гаши.

Опозициската партија ДУИ вчера соопшти дека ОРД не бил само темел на мирот и внатрешната еднаквост.

– Пред четвртина век беше запрен судирот и беа поставени темелите на еднаква држава. Денес наша историска задача е да не дозволиме да се уриваат овие темели, еден по еден. Охридскиот договор не е затворено поглавје од историјата – се наведува во соопштението на ДУИ.

Од партијата Вреди, пак, одговорија дека Охридскиот договор „не е приватна сопственост на ДУИ“.

– Тој е резултат на жртвата на една цела генерација. Но, она што почна како чин на национална совест, ДУИ го обезвредни, претворајќи го во банкомат за лично богатење. Охридскиот договор им припаѓа на Албанците – стои во партиското соопштение.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова порача од Струга дека градот претставува пример за почитување на различностите и за соживот. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ