Скопската Зоолошка градина е место што се поврзува со детството на секој од нас. Убави спомени врежани во секој од нас, иако имало и моменти и периоди на разочарување, но и на радост. Токму затоа случувањата во неа длабоко ги будат чувствата на сите. Сто години постоење и не е мала работа. Од само четири хектари, неколку животни, подароци од други зоолошки градини и луѓе од Балканот и од Европа, во неа сега живеат 500 животни од сто вида, а меѓу најатрактивните се слоницата Даела, нилскиот коњ Буцо, морските лавови, лемурите, тапасите, пингвините, автохтоната мечка

Скопската Зоолошка градина е место што се поврзува со детството на секој од нас. Убави спомени врежани во секој од нас, иако имало и моменти и периоди на разочарување, но и на радост. Токму затоа случувањата во неа длабоко ги будат чувствата на сите.

Сто години постоење и не е мала работа. Од само четири хектари, неколку животни, подароци од други зоолошки градини и луѓе од Балканот и од Европа, во неа сега живеат 500 животни од сто вида, а меѓу најатрактивните се слоницата Даела, нилскиот коњ Буцо, морските лавови, лемурите, тапасите, пингвините, автохтоната мечка.

Особен интерес побудија белите лавови Чака и Бела, чија љубовна приказна пред многу години ги разнежни срцата на скопјани, а медиумите нашироко раскажуваа за францускиот шармер и за германската убавица од чија љубов се родија три лавчиња.

Зоонегувателот Војо Иванов вели дека е жално што не постои архива за стоте години постоење на Зоолошката и какви било податоци за нејзиното минато.

– За жал, единствено остана приказната за мајмунката Милева, која неколку пати бегала од своето живеалиште и при своето последно бегство, во шеесеттите години, украла бебе од посетител и избегала на околните дрвја во Градскиот парк. За жал, таа била застрелана истиот ден, од полицијата. Потоа, како препарирана, завршила во Криминалистичкиот музеј во Идризово на МВР – наведува Иванов.

Тој додава дека се уништени поголем дел материјалите за Зоолошката во земјотресот во 1963 година и во поплавите и повеќе не постојат.

– Жално е што нема кој да едуцира за професијата зоонегувател, па мораме да се снаоѓаме со материјалите со кои кубуриме. Ако моите колеги од Европа учат од грешките од минатото, ние мораме да експериментираме во однос на материјалите. Среќа е што живееме во дигитална ера, па ни е полесно – нагласува Иванов.

Вели дека е среќен што го плаќа државата да негува животни што се уникатни.

– Од првите мигови, бев на доаѓањето на слониците – Азијката Дуња, која, за жал, умре, и Африканката Даела. За нив се грижев од првите денови и моменти на нивната аклиматизација – раскажува Иванов, потенцирајќи дека двете биле со траума од циркус, поради што барале посебна нега.

Тој, исто така, бил и во првите дена од пристигнувањето на јатото фламинга што биле бебиња, но и на јатото пингвини.

– Успеавме да ги адаптираме и размножиме, што е реткост за една зоолошка градина во 100 години. Првпат бевме згрижувачи на вакви животни и тоа беше предизвик за нас – истакна Иванов.

Зоонегувателот додава дека од нив зависат навиките на животните, затоа што, како што вели, тие зависат од нив, при што голем дел од животните не би се снашле во природата.

– Ги губат инстинктите и практично се зависни од човекот – тврди Иванов.

Дека е тоа така, жив пример е тажната приказна за смртта на зоологот Ристе Трајковски, кој се грижеше за жирафите. Веднаш по неговата смрт, умре жирафата Флопи.

Вели дека е среќен што дошол во период кога на чело на институцијата застанал Ѓорѓи Галетановски, бидејќи, како што нагласи, за кратко време тој успеал да донесе голем број животни што првпат станале жители на Зоолошката.

Иванов смета дека за да се работи оваа професија, треба да се има посебно чувство.

Не треба да се заборават ниту Бејби зоо, единственото место каде што е дозволено да се хранат животните од страна на посетителите, отворена во 2019 година, но и Дино паркот, кој на почетокот беше вистинска атракција, а се простира на површина од 2.000 квадратни метри и има вкупно 41 реплика на диносауруси од креда и од јура периодот, од кои дел се во природна големина, со синхронизирани движења, проследени со звуци. Тој беше отворен во 2021 година.

Зоолошката не е само место каде што се гледаат животни. Таа е простор каде што човекот се потсетува дека е дел од природата, но и место за едукација на најмладите, место каде што се раѓаат љубовта кон животните, почитта кон различното и чувството на поврзаност со светот што често го забораваме.

Скопската Зоолошка градина е основана од д-р Станко Караман, научник и визионер, во 1926 година. Таа е првата зоолошка градина на Балканот.

(А. П.) Фото: (Ѕ.П.)

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ