Европската централна банка (ЕЦБ) ги претстави планираните карактеристики на апликацијата за дигиталното евро, која треба да им овозможи на корисниците лесен и достапен пристап до основните услуги на оваа дигитална валута, доколку биде донесена одлука за нејзино воведување.
Од ЕЦБ велат дека дигиталното плаќање ќе биде достапно за сите граѓани, без оглед на нивните способности, потреби или нивото на дигитални вештини.
Апликацијата за дигиталното евро ќе биде дизајнирана со низа функции за подобра пристапност, меѓу кои се подобрена визуализација, поддршка за читачите на екран, целосна навигација преку тастатурата, предупредувања пред истекување на времето за извршување одредени дејства, поедноставен јазик, механизми за спречување грешки и можност за намалување на анимациите во движење.
Членот на Извршниот одбор на ЕЦБ, Пјеро Чиполоне, истакна дека дигиталното евро, исто како и готовината, ќе претставува јавно добро и дека во дигиталната ера мора да биде достапно за секој Европеец под еднакви услови.
Развојот на апликацијата се спроведува во соработка со организациите на потрошувачи, експертите за пристапност и со националните централни банки. Пред официјалното пуштање во употреба, нејзините функции ќе бидат тестирани со лицата со попреченост, вработените во ЕЦБ и со персоналот од 19 национални централни банки, со цел да се обезбеди унифицирано и инклузивно корисничко искуство низ целата еврозона.
Апликацијата моментално е во фаза на развој, а тестирањето е планирано во рамките на 12-месечен пилот-проект за дигиталното евро, кој треба да започне во втората половина на 2027 година.
Според предлог-регулативата за дигиталното евро, официјалната апликација ќе биде само еден од начините за пристап до оваа дигитална валута. Корисниците ќе можат да користат и други канали обезбедени од нивните даватели на платежни услуги, кои ќе останат главна точка на контакт за крајните корисници.
Дигиталното евро, доколку биде воведено, ќе функционира како дигитална форма на европската валута и ќе овозможи брзо и безбедно плаќање во дигиталниот свет, со еднаков пристап за сите граѓани.












